Кучињата лаат, караванот си врви, ние најдобро си е да не мислиме на недостатоците по кои очајно Македонија плаче, доволно е да го решаваме идентитетскиот проблем на Делчеви и Александрови, да се гордееме со чинот на “почит“ од страна на разјарените орди кои по изживувањето врз мртвите тела им текнало дека всушност комитите покажале бесценета пожртвуваност по што ги испочитувале со плутони во воздухот, зборувам за хеорите од историската битка на “Ножот“ или пак музичкиот перформанс на тенисерот Новак Ѓоковиќ изведувајќи ја “Македонско девојче“ кој оддекна во јавноста како последен највозвишен крик на патриотизам. Се прашувам дали ако Григор Димитров ја испееше, ќе се светеше ли името Григорово па ќе беше поканет од премиерот да дојде во Македонија или ќе се повтореше она познатото “ни ја крадат културата“?
На другата страна слушам се бараат осумдесет пратеници на следни избори за да го врателе името Република Македонија. Ме интересира дали некој ќе собере осумдесет пратеници за да ги врати младите назад во татковината, засекогаш? Дали ќе ги вработи, ќе им обезбеди достоен живот, дали ќе им обезбеди основни услови за гледање семејство, всушност еден од најгорливите проблеми на Македонското општество, демографската катастрофа која од година во година е се поизразена.
Кога сме кај катастрофите не можам а да не споменам една идеја од пред три години која ако добиеше поддршка од нацијата можеби сега и немаше да се занимаваме со проблем од толку голем размер како моменталниот, зборувам за идејата сите села во Македонија да станат општини и да се направи целосна децентрализација. Идејата која е патем предложена од страна на Љубчо Георгиевски (очекувано нели) опфаќаше можност сите села да имаат свои буџети преку кои ќе црпат средства за инвестиции во инфраструктура, а со тоа драстично би се намалила депопулацијата на селата, би овозможила повеќе можности за младите кои живеат, односно тогаш живееја во селата низ Македонија.
Тогаш, мислам дека беше 2016 година статистиката велеше дека има 347 села со над 800 жители каде што нема функционална управа и власт, па ако жителите имаа потреба од таков тип немаше со кого да комуницираат по тие прашања. Особено оваа идеја беше благонаклонета кон денес опустошените села кои зјаат празни, а реално претставуваат (во некои нормални општества) одлична можност за развој на селскиот живот, а да не зборуваме за земјоделство, сточарство или пак туризам.
И за крај, можеби не дадовме осумдесет пратеници ама добивме збор дека барем студентите ќе добијат достоинствени живеалишта додека студираат на некои од факултетите во Скопје. Иницијалната каписла на последните политички проблеми остана со прстот во уста и после скоро пет години не ја здогледа светлината на крајот од тунелот. Студентските домови, истите како и од пред пет, седум, десет години, со минимални поправки кои за неколку месеци повторно стануваат терет на студентските власти од кои нема ни трага ни глас. Функционален студентски парламент?!
Не дека е касно, никогаш не е касно за промени, барем така размислувавме до пред некоја година, а и никој не ни даде поразлично мнение од ова па ни останува само да си мислиме дека можеби, некој и некогаш вистински ќе ја доведе промената онаму каде што и е местото. Сега засега толку…
“Тивко е на Ножот“ Слава Им на сите херои, знајни и незнајни кои дале несебична жртва за некој денеска да си игра со нацијата.
Пишува: Дино Блажески, претседател на УМС на ВМРО НП