Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева сепак не го загубила вториот мобилен телефон во Белград, како што тврдела во истрагата за случајот „Рекет“, туку „го подарила“ на друго лице. ЈО го пронајде телефонот.
Вториот телефон на обвинителката Катица Јанева за која таа тврдеше дека е загубен бил пронајден кај друго лице, соопшто Јавното обвинителство за организиран криминал. Оттаму потврдуваат дека апаратот е пронајден и одземен, а ќе следува негово вештачење. Мобилните телефони на Јанева беа предмет на интерес на Обвинителство поради истрагата за случајот „Рекет“, во кој се споменува и нејзиното име, иако не е осомничена.
„Обвинителството со издадено барање до мобилните оператори за следење на IMEI-меѓународен идентитет на мобилна опрема на телефонот, го пронајде мобилниот телефон кај друго лице. По што, со наредба на судија на претходна постапка телефонот е одземен. Притоа лицето изјави дека телефонот е добиен на подарок“, соопшти утрово Јавното обвинителство.
ЈО сега ќе треба да утврди и кога „е изгубен“ вториот телефон на Јанева – дали тоа се случило далеку пред да биде обелоденет случајот „Рекет“, или непосредно во деновите пред или потоа.
Претходно, обвинителката Вилма Русковска соопшти дека е завршено вештачењето на првиот мобилен телефон на обвинителката Катица Јанева, но одби да открие детали за тоа што било утврдено од него.