-0.2 C
Skopje
Tuesday, January 21, 2025

Колку ли пати СДСМ треба да му се извини на Љубчо Георгиевски?

Го читам деновиве премиерот на Република Северна Македонија Зоран Заев како во изјава за грчки медиум зборува за историјата на државата, објаснувајќи дека политичар од минатото како Груевски, не скарал со сите соседи, a притоа ја злоупотребувал историјата за политички цели. Читам и се чудам дали ова е човекот кој доаѓа од партијата која пред 20 години го напаѓаше визионерството и храбрите одлуки на еден лидер од ВМРО-ДПМНЕ кој во својство на премиер тогаш потпиша декларација за добрососедство со Бугарија?

Некои го критикуваат премиерот за овие негови изјави. Јас не. Заев е во право. Историчарите се тие кои треба да си ја завршат својата работа. Во Македонија секој втор граѓанин е историчар, секој втор се удира во гради дека е потомок на Александар и Филип Македонски, на Цар Самоил, на Гоце Делчев. Од друга страна ако ги прашате да ви кажат некои историски факти за истите личности, ќе наидете на одговор во кој ќе ве плукаат дека сте предавник, непознавач на историјата, иако и тие самите не знаат ама баш ништо за истите тие историски личности. Токму поради тоа тука треба да постои црвена линија. Црвена линија која самите ние ќе си ја поставиме. Не смееме да продолжиме да живееме во лаги. Дури и да е така, дури и сите овие да биле Македонци, тоа треба да го докажеме преку историски факти за кои зборува целиот свет, а не онака, како што ќе одговара на една или друга политичка елита во нашата држава. Светската пак историографија зборува нешто сосема друго. Но нејсе, историчарите нека зборат за тоа. Она за што јас сакам да зборам е за тоа како сегашните поддржувачи на тој „европски концепт“, на таа „пријателска и братска врска“ со Бугарија ги заменија улогите со некогашните поддржувачи на човекот кој прв кажа да ги закопаме секирите со соседите, пред се со Бугарија, а за истото тоа нормално под итна постапка беше прогласен за предавник. Да, да. Добро прочитавте. Оние кои сега го плукаат договорот со Бугарија и сето тоа што „Заев го распродаде“ некогаш беа први поддржувачи на човекот кој најпрвин беше мета за напад и итно прогласување на странски платеник, предавник, татар од СДСМ, а потоа и од самата партија и луѓе на кои тој лично им ја отвори вратата во политиката. Всушност, да не беше тој веројатно патриотот од Будимпешта и никогаш немаше да стане претседател на партијата која во 90-тите се бореше за независна и самостојна Република Македонија.

А СЕГА СО ИМЕ И ПРЕЗИМЕ – Љубчо Георгиевски!

Човекот си има свои маани, грешки како и сите ние. И тоа го знае и тој самиот. Можеби и најголемата маана е што дозволи токму тие кои сега го плукаат да гребнат од неговата слава, сликајќи се зад него со камери и кажувајќи му пофални зборови од типот: „Шефе, ти си наша икона“. Но, постои едно големо, но. Токму Георгиевски е тој кој ја даде слободата на медиумите, за да прават какви не приказни со кои и те како се оцрнуваше неговиот лик, со што најпрвин од СДСМ беше прогласен за „национален предавник“ токму за декларацијата потпишана со Бугарија. Токму од СДСМ јавно прашуваа „каде е бугарскиот пасош“ на Љубчо, за да потоа истата таа пропаганда биде продолжена и од некогашните негови соборци и луѓе на кои им веруваше.

ДЕНЕС? Денес истите овие луѓе – некогашните „бранители“ на идентитетот и бугарофоби и денешните „бранители“ на идентитетот и бугарофоби си ги заменија улогите. Не поради друга причина, така им налага ситуацијата. Едниве мора да глумат европејци кои многу ги почитуваат и сакаат бугарите, но пред се вистината за македонско – бугарските односи, а другите пак, сакале нејќеле, мора да продолжат да ги хранат своите поддржувачи со она што беа хранети 11 години, а тоа е омраза кон се што доаѓа надвор од Македонија. Добро, додуша само кон северниот сосед негуваа некаква љубов. Знаете тешко е човек кој го гледаше и слушаше Латас 11 години да биде бугарофил. Но, нејсе. Ќе дојде време и тие ќе се опаметат. Ако СДСМ продолжи со глупостите кои ги прави, нема да чекаме долго за да го гледаме Мицкоски во улогата на Заев, седнат со еден од најважните политички фигури на Балканот, Бојко Борисов.

Во целава оваа приказна да не ја заборавиме поентата на погоре напишаното. И едниве и другиве го плукаа. Додуша, едниве и го бранеа ама кога им беше премиер, кога не ги миеа рацете кога ќе се поздравеа со него или кога очекуваа да грабнат дел од неговата слава или пак да добијат некаква функција. Другиве пак, до денес само го плукаат. Колку ли пати СДСМ (не Заев, бидејќи тој е свесен) треба да му се извинат на Љубчо Георгиевски?

Пишува: Васко Костовски

поврзани објави

Последни објави