16.8 C
Skopje
Wednesday, November 27, 2024

Секојдневие 2.0

И доаѓаме пак на истата приказна како и секоја година. Всушност на секои четири години се повторуваат истите постапки од претходните четири и така во недоглед. Во последниве дваесет години се изнагледавме се и сешто, почувствувавме буквално се па затоа и ништо повеќе не го чуди народецот иако и самиот како да замижува пред ваквите процеси кои како да не го уморија, а тој пак дозволува на секој изборен циклус истите циркузанти да ги прават истите акробации како и нивните претходници.

Според начинот на прикажување, постапките и концептот не преостанува ништо друго освен да бидеме доведени до заклучок дека се што се случува во државава се случува по претходно планирано сценарио, впрочем тоа го докажуваат низа настани кои буквално се случуваат во континуитет секоја година. Секоја година гледаме спектакуларни скандали, двојните аршини со кои живееме од осамостојувањето, не потсетуваат на кршливиот соживот со нашите комшии, протести со исти концепти, барања и текови само со различни актери од веќе видени кругови. И пак премолчуваме и пак слепи при очи дозволуваме истите кругови да не дојат со истите глупости без да видиме НИШТО суштинско со кое утре ќе може и самите да се пофалиме. Да, точно е дека последниве три години се потрошија за еден сегмент кој пак не потчукна во главата и не потсети дека Македонија не е само надвор од границите туку има нешто што се нарекува национален интерес и внатре. И малку е чудно да пишувам за национални интереси но живо ме интересира, ги знае ли државата националните интереси или пак нацијата има ли поим кои се нејзините националните интереси?

Како се движат тековите можам слободно да кажам дека претстојнава година ќе биде суштинска за тоа како ќе се одвиваат работите и после наредните избори. Еден мој сопартиец, поранешен, кога се осамостојуваше државта изјави дека треба трезвено да се размислува бидејќи работите во државата се движат како на филмска лента. Е баш така е и сега, процесите се движат со голема брзина, а просторот за маневар скоро и да го нема. Зошто е тоа така, доволно е да се замислиме малку и да сфатиме дека постапките со кои се служеа партиско-политичките елити во последниве дваесет години не направија ништо освен што го стеснија просторот за маневар кој би ни послужил во услови кога партиско-политичките елити ќе “заклучат“ дека се она што го правеле наназад всушност не им одговара при остварувањето на некаквите “интереси“ па биле тоа и националните за кои ни самите не знаат кои се и која е нивната поента.

Убеден сум дека и идната година ќе се “помируваме“, дека ќе се “залечуваат рани” од она што ни беше сервирано последниов период и ако не се променат некои суштински работи оваа година мислам дека ќе продолжи ваквиот тренд на “веќе видено“ функционирање иако сето ова зависи од нацијата која впрочем ги држи конците во свои раце…или не. Да држеше нацијата нешто до сега многу работи ќе беа поразлични од веќе видените па можеби немаше да пишуваме за нешто што некој пишувал пред триесет – четириесет години.

Она што преостанува е да се запраша нацијата што планира во идниов период, дали повторно ќе дадеме можност истите кругови на делување да го продолжат циркузот и да си бидеме сите “среќни и задоволни“ како и досега или ќе доведеме некоја промена па макар и малечка колку да внесеме малку светлина во партиско-политичкото сивило кое трае веќе со години. Да не се лажеме, не дека постои некој голем избор со оглед на тоа дека од тие статус кво кругови произлегоа нови елити со извитоперени ставови и гледишта кои својот идеализам од пред неколку десетици години го сменија за нешто сосем спротивно од тоа во што тие верувале па сега глумат некоја “нова сила“ на политичката сцена.

За крај, сакам да појаснам една работа. Државните празници кои следуваат се радосни исто толку колку што се и тажни, особено Илинден кој се празнува секоја година на Мечкин Камен и вон памет е да се повикува нацијата свесно да го изуринира значењето на празникот со тоа што токму на Мечкин Камен, местото каде што претставува гробница за илјадници борци кои несебично го дале својот живот за ние денеска да го правиме тоа што гоправиме и прават тоа што го прават, се плука по политичари или се искористува за искажување бес и незадоволство поради нечиви погрешни постапки и политики. Затоа јавно Ве замолувам да не потклекнувате на некакви повици за плукање и насилства на вечните почивалишта на илјадници Илинденци, ако за ништо друго барем од почит кон загинатите.

И една најнова заблуда. Не, ние не сме деца на Илинден. Илинденскиот завет е наша водилка за генерациските борби во ова ново време, а ние можеме да бидеме деца само на Македонија.

Нека ни е честит и вековит Илинден и нека жртвата на Илинденците и сите останати револуционери, преродбеници биде идеал за она што сега сакаме да го постигнеме и видиме во нашата сегашна и идна Македонија.

поврзани објави

Последни објави