Поранешниот припадник на УЧК, Томор Морина, кој е притвор во Македонија, утре ќе биде ослободен, со што ќе може да се брани од слобода, дознава Алсат-М од адвокатот на Морина, Насер Рауфи.
Томор Морина е уапсен минатата недела, на граничниот премин Блаце, поради распишана потерница од страна на Интерпол. Властите во Србија побараа негова екстрадиција бидејќи го сомничат за злосторства врз цивили на Косово.
Поврзана вест: Косовските власти знаат дека Морина нема да биде испорачан на Србија?!
Косовските власти се вмешуваат во случајот со поранешниот припадник на ОВК Томор Морина кој по барање на Интерпол беше уапсен при влез на македонска територија.
Јелтир Зиберај, советник на косовскиот министер за надворешни работи Беџет Пацоли, според приштинските медиуми, ја отфрлил можноста Морина да биде испорачан во Србија, додавајќи дека се преговара со дипломатски и меѓународни врски за да се обезбеди што поскоро ослободување на припадникот на ОВК кој е обвинет за воени злосторства против цивилното население. Во рамки на притисокот денеска во Ѓаковица се одржува и протест од кој се бара итно ослободување на Морина, а во целата сага се вклучени и високи функционери во македонската Влада.
Вицепремиерот Бујар Османи изјави дека од првиот ден лично е ангажиран за пуштање на осомничениот за воени злосторства, а има намера да го посети во притворот, во својство на, како што рече, пријател на Република Косово. Во таа насока веќе побарал дозвола за посета од судијката која му го одреди притворот на Морина.
-Специфично е дека потерницата не е преку српскиот Интерпол, туку преку централата на Интерпол, и затоа нашата држава треба да ги почитува процедурите. Мојата посета е како пријател на Република Косово и претставник на Влада која е пријател на Косово. Притисок вршиме за Министерството за правда да ја забрза постапката. Ова прашање мора системски да се реши и да не се случува и понатаму да се најдеме среде односите меѓу Србија и Косово. Сакаме добри односи со Србија, но никако на сметка на добрите односи со Косово – изјави вчера Османи.