8.8 C
Skopje
Friday, January 10, 2025

Тешко повредениот возач на автобусот и уште четири патници задржани во Велешката болница

Триесетгодишен скопјанец е единствената жртва од страотниот судар меѓу автобус и комби, кој се случи синоќа околу 20 часот, на патот Велес – Штип, во близина на велешко Ново село. Загинатиот е возачот на комбито. Во автобусот имало 19 патници, пренесува 24.мк

Најтешко е повреден возачот, кој бил приклештен во автобусот, па морало да интервенираат пожарникари за да го извадат. Заедно со уште четири полесно повредени, тој е задржан во велешката болница. Останатите се пуштени дома.

Автобусот во сопственост на кратовската агенција „Филе турс“, превезувал патници кои патувале на одмор во Бугарија. Во него имало и неколку деца.

Нешто пред 20 часот, тој ги качил последните патници од Велес и се упатил кон Штип, каде што требало да ги преземе друг автобус. Само што ја поминал велешката депонија, на автобусот налетало комби со скопски регистрации и директно се судрило во него.

Од „Филе турс“, потврдија дека автобусот е нивни, но не сакаа многу публицитет. Првичните сознанија до кои дошло Обвинителството по увидот се дека комбито преминало на спротивната лента и удрило во автобусот.

„Според првичните сознанија, до несреќата дошло кога комбе управувано од 30-годишно лице од Скопје, со кое се превезувале материјали за градежништво, движејќи се во правец од Штип кон Велес, од засега непознати причини преминало на спротивната коловозна лента. Во тој момент, во спротивната насока се движел автобус на туристичка агенција кој превезувал патници за Сончев брег, Бугарија.

Автобусот се обидел да избегне директен судар, движејќи се кон крајот на коловозната лента. Сепак комбето удрило во предниот дел од автобусот и се извртело целосно на спротивната коловозна лента и во спротивна насока од првобитното движење“ – се вели во официјалниот извештај.

Целата вест погледнете ја на – 24.мк

Час и половина траело вадењето на телото на загинатиот возач, кое е предадено на обдукција. Обвинителството ќе проверува дали има алкохол во крвта на возачот на автобусот, а ќе се врши и сообраќајно и машинско вештачење на возилата, за да се утврди нивната исправност.

поврзани објави

Последни објави