Во текот на изминатата ноќ се одвивало вистинска драма во југот на нашата држава откако полицијата се дала во потера по „Мерцедес“ кој не запрел при обид да биде легитимиран од полициски службеници.
Околу 00.15 часот на автопатот А1 кај м.в. „Белов“ полициски службеници се обиделе да сопрат возило „Мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Б.Д. од с.Стајковци, скопско, но возилото со голема брзина поминало пред нив и не застанало.
Полициските службеници со службено возило се упатиле по него. На крстосницата кај с.Тремник возилото се исклучило од автопатот и се упатило кон Термоелектраната Неготино, движејќи се по спореден полски пат, каде возачот изгубил контрола над возилото и излетал од патот. Во возилото и во непосредна близина биле откриени 11 лица илегални мигранти (осум од Бангладеш и по еден од Сирија, Ирак и еден од Пакистан).
Возачот на возилото не е пронајден, а мигрантите се донесени во ПС-Неготино за понатамошна постапка. Од извршените проверки констатирано е дека на 11.02.2017 година во 23.00 часот од страна на полициски службеници, на крстосницата Богданци –Дојран, истото возило било сопрено и извршено било легитимирање при што е утврдено дека возилото го управувал Л. М.(43) од Чучер Сандево-Скопје, а сопатник му бил А.С.(29) од с.Арачиново-Скопје. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.