Помина денот. Веројатно најтешкиот што сум го имал за уредување, иако не и за отворена програма. Таков ден (уште потежок) беше оној на 27-ми април, при упадот во Собранието. И двата да не се повторат, ни, пак, сличните со нив. Благодарност за колегите, кои го направија денот целосен, проверен и објективен. Дури и тие кои се на одмор, а од дома работеа со нас – кои бевме во редакцијата. <3
На страна тоа, не можам да кажам дека имам измешани емоции – не само за денеска, туку општо за изминатиот период. Кристално ми се јасни емоциите.
Од една страна – оние кои натежнале со разочарување и едноставно неверување за дното кое го допревме од еден аспект. Но, можам да ви кажам од искуство со сигурност една работа – дека дно не постои. Дното е таму, каде што ќе речете: „Доста е! Ова е моето дно, подлабоко не сакам да знам што има.“ Од друга страна, пак, постои чуден оптимизам во мене, кој ми влева надеж не во конкретна личност (оти одамна требаше да научиме дека тоа не е во ред), туку во некаква си космичка правда, природен баланс, хармонија на постоењето… дека ние на ова парче земја заслужуваме подобро и дека токму сега се наоѓаме во фаза на чистилиште од се’ расипано и криминогено. И дека допрва ќе испливаат на површина сите скапаници од оваа жабокречина, од секоја пора на општеството.
Човек, со право може да го изрази своето разочарување денес, како што го изразувал и своето радување. Како што сум се радувал на основањето на СЈО како институција, како што сум прифатил многу краток период да помогнам на институцијата СЈО и на Катица Јанева на почетоците, така и сега сум разочаран од тоа што го прави Катица Јанева, но, не изразувам разочараност од институцијата СЈО. Нам ни се случи да жената за која беше направен најголемиот култ на личноста кај нас, и имаше можност да биде на ниво на Тито во оваа земја, со споменици и портрети нејзини насекаде, да падне до тој степен, од кој веќе нема враќање. И тоа за само неполни 4 години. Звучи неверојатно, како реклама на некојси телешоп – и тоа не е се’! Од божица – до најголема грешничка. Но, тоа е добро. Ова е добро. Зашто Катица не е СЈО. Катица партиите ја изедначија со СЈО, а нашата грешка беше тоа што како давеници во тогашното цунами, се фативме за тоа изедначување. Но, токму затоа ви велам дека немам измешани емоции. А ќе ви кажам и зошто е добро – и зошто немам измешани емоции.
Никогаш не зажалив за секој еден изминат километар по улиците во Скопје, Тетово, Прилеп, Валандово, Велес, Гевгелија и во останатите градови. Не зажалив, зашто јас не одмолчив пред години кога неправдата се истури врз нас, а не молчам ни сега. Јас немам срам да се израдувам, да се изнервирам, да протестирам, да кудам и да бидам куден. Не жалам, зашто се’ било моја лична одлука, и ничија друга. Зашто сам сносувам одговорност за моите постапки, а не полагам сметки некому. Јас се радувам што сум бил дел од смената на еден режим, од кој сериозно сум пропатил јас лично, а и моето семејство. Јас сум се борел против режимот, притоа неважно за мене беше кој ќе го наследи државното фотелјиче, зашто беше јасно, со оглед на бипартискиот систем во оваа држава. Најтешко е во земјава да зафатите своја, односно ничија страна. Ве сметаат за сериозно глуп и сте тотално несфатени дека сте свои и дека стоите на своите лични ставови. Но, тоа е најголемата борба во која можете да се соочите со себеси, за да воочите колку можете да издржите и колку сте силни.
Среќен сум, што никогаш не сум бил дел од ничија агенда, иако многумина ме присвојувале кон себеси или ме припојувале кон некого. Тоа е цената на индивидуалното делување. Цената што ќе ја платите е голема, но, секое лошо за добро е. А имало понуди, и машала, со сериозни пари, но, баш тогаш сум сфатил дека нешто не штима во приказните. А периодов тие одлуки ми се потврдиле како правилни.
Можеби ќе мислите дека сум непоправлив оптимист, иако тоа не сум. Прашајте блиски околу мене, ќе ви кажат дека сум повеќе песимист. Но, покрај длабокото разочарување периодов, истовремено, се радувам на секој еден недопирлив што отишол или би одел зад решетки. Зашто тој еден или една, повлекува друг/а со себе. Во змијарникот, змиите ако немаат кој друг, ќе почнат сами меѓу себе да се јадат. Тоа е цената на станувањето змија и дружењето со нив. Ако нема веќе змии, нивното вечно патење почнува со јадење на сопствената „опашка“.
Ова се лекции. Оние – најтешките за развојот на едно општество. Јас искрено се надевам дека конечно од оваа болка, ќе извлечеме поуки. Доколку не се случи тоа, тогаш навистина, имаме потреба од сериозна помош.
Не дозволувајте, без разлика на одлуката за живеење тука или надвор оттука, да ви биде уништена надежта. Надежта е сериозно средство за преживување. Зашто никој не смееше да го спомне името на Началникот, па сега е мерка за поткусурување, зашто недопирливи беа Бранко и Груевски, па сега не постојат, зашто Катица беше божица, па сега е зад решетки, зашто хуманитарец беше Боки 13, па сега е зад решетки… и многу други ќе следат набрзо после нив периодов. Зашто општеството почна да се чисти. Зашто ништо не е вечно. Опцујте ја Катица што ве разочарала. Опцујте ги сите кои денес или некогаш ве разочарале. Еве, и мене опцујте ме, ако мислите дека сум ви го изгубил времето со текстов, но, не губете ја вербата, надежта и љубовта. Општество кое нема верба, надеж и љубов, е длабоко уништено општество, кое има плодна почва за орање од страна на криминалците, непоправливите, манипулаторите… Да, се чини дека нема крај, но, најтешките маки се пред почетокот на крајот.
Верувајте во себеси – тоа е најтешко.