Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи вели дека прогонот на Катица Јанева не смее да биде оправдување за да се заборави криминалот кој беше направен во државата во изминатите години, но и да не се оцрнува СЈО, пишува Дојче Веле.
„Никој не е недопирлив“, вели обвинителката Фатиме Фетаи по проширувањето на истрагата за случајот „Рекет“ и на нејзината шефица Катица Јанева. Фетаи е првата обвинителка на СЈО која јавно го коментираше случајот откако вчера истрагата беше проширена и на Јанева, а таа ноќеска заврши во притвор.
„Ова што се случува може да биде само добар показател дека секој што се огрешил пред законот мора да одговара и дека работите конечно се придвижуваат во позитивна насока во државата и дека никој не е недопирлив“, рече Фетаи утрово пред судот каде имаше закажано рочиште.
Таа смета дека евентуалната одговорност на Јанева не смее да ја оцрни и целата институција, но и да се заборави на борбата против криминалот.
„Евентуалната индивидуална кривична одговорност на еден од обвинителите во СЈО не смее да биде изговор и оправдување за да се заборави целокупниот криминал кој се направи изминативе години и ние да ја запреме нашата борба. Тимот на СЈО е во целост посветен на борбата за правда и ние продолжуваме со она што е наша работа- застапување на предмети во судница“, рече Фетаи.
Целиот текст прочитајте го на ДОЈЧЕ ВЕЛЕ.