ЛДП преку соопштение укажува дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ на штета на сите нас, ја „промовира“ државата во светот и по отровот што го дишеме.
Трите најголеми града во Македонија, Скопје, Битола и Тетово, ги полнат весниците и научните списанија низ светот токму поради енормно загадениот воздух кој, за жал, секојдневно го дишеме ние и нашите сограѓани.
Последното научно истражување што го пренесува „Гардијан“, каде Тетово се вбројува во првите 15 града во светот каде физичката активност дополнително го загрозува здравјето, поради загадувањето, е врв на негрижата и несовесноста на власта за животот на граѓаните.
Власта на ВМРО-ДПМНЕ во изминатите десет години покажа дека ниту имала стратегија , ни начин како да се справи со високото загадување во градските средини. Наспроти тоа, таа од чист популизам допушти безмалку неконтролиран увоз на стари возила и експанзија на неодржливата и прекумерна градба, која е спротивна на еколошките стандарди во развиените европски држави.
Власта дозволи безмилосно уништување на зеленилото и претерано користење на фосилни горива, деривати кои важат за главни причини за влошување на квалитетот на воздухот и секојдневно придонесуваат за зголемување на концентрацијата на ПМ 2,5 и ПМ 10 честички над максимално дозволените граници, кои се канцерогени и најопасни за здравјето на граѓаните.
Новата Влада предводена од опозицијата, во која ќе партиципира и ЛДП, ќе настапи со одржлива стратегија и мерки за намалување на загадувањето на воздухот во границите на нормалното. Ќе инвестираме во развој на здравата животна средина, наспроти инвестициите на ВМРО-ДПМНЕ во панорамски тркала, барокни фасади, жални врби, споменици и галии“, се вели во соопштението на ЛДП.