Предвремени избори треба и мора да има. Колку побргу, толку подобро и за граѓаните и за државата! Само тоа е спасот од оваа неспособна, расипничка и корумпирана власт. Три години по ред Македонија ги трпи последиците од најнеспособната влада од осамостојувањето. Оваа власт за 7 месеци реализираше едвај 24.5% од годишно планираните капитални инвестиции, во време кога реализираниот дефицит и социјални трансфери се над 50%. Тоа е показател дека државата е ставена на апарати за дишење, не се гради ништо, не се прави ништо, изјави на прес конференција потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски кој додаде:
„Неработата се гледа и во бројките и официјални статистички податоци кои ги објавува ДЗС, имено во јуни месец 2019 година имаме за 1.5% помалку издадени одобренија за градење отколку во јуни месец 2018 година, а вредноста на објектите за коишто се издадени овие одобренија за градење е за 23% помала отколку за истиот тој месец во 2018 година. Резултатите се поразителни и ако го погледнеме бројот на работници во индустријата, каде во месец јули оваа година, во однос на јули лани имаме пад за 2.5%. Кога во една држава, градежништвото и индустријата тонат, тогаш пропаѓа се.“
Според Мисајловски државата буквално стагнира, а показател за тоа е и сумата на странски директни инвестиции во вториот квартал од 2019 година, која изнесува очајни 7.6 милиони евра, во исто време кога во Србија имаме 1.7 милијарди евра инвестиции, во Словенија 561 милион евра, во Хрватска 273 милиони евра, во Бугарија 286 милиони евра.
-Доколку ова го сведеме по глава на жител доаѓаме до катастрофални бројки, особено кога ќе ги компарираме со нашите соседи. Имено инвестициите во соседна Србија по жител изнесуваат околу 543 евра, понатаму 280 евра во Словенија, во соседна Бугарија нешто повеќе од 40 евра, а во Македонија изнесуваат 24 евра по глава на жител, потенцираше Мисајловски и подвлече:
„Лошата состојба се гледа и во слабата наплата на даноци. Власта која предвидуваше дека ќе има зголемување на наплатата на даноци за 9.02%, собра 8.57% помалку даноци од она што сами планираа. Односно од планираните 51.1 милијарда денари за период јануари – јули, власта собрала 46.7 милијарди денари. Ова укажува дека и стопанството тоне и тоа во континуитет. Ова се само дел од податоците кои укажуваат на самата неработа и неспособноста на СДСМ. Македонија не може да напредува со оваа власт, затоа се потребни предвремени парламентарни избори час поскоро.“