Заедно ќе се избориме, а часот кога тоа ќе го направиме се предвремени избори. Јас не верувам толку во нарачани анкети, јас верувам во народот на мојата земја. А ако толку се сигурни овие од власта и толку многу блескале тогаш ајде на избори, па народот да одлучи, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на свечениот настан што го организира ВМРО-ДПМНЕ по повод 8-ми Септември, Денот на независноста на Република Македонија.
Нашата победа ќе значи обнова на Македонија. Обнова со нудење на решенија, предлози и работа. Обнова која ќе значи и нов систем на вредности и принципи. За да се случи ова ќе ги слушнеме граѓаните, ќе ги чуеме што е тоа што највеќе ги интересира, тоа што највеќе ги мачи и заедно ќе дојдеме до решенија. Ќе понудиме план за тоа како да успееме, а мојата визија е визија за силна Македонија, за земја каде функционираат законите и правдата.Каде младите имаат иднина.
Треба да се избориме за нашата Македонија. А Македонија е нашето се, нашето минато и иднина. Честит роденден Македонијо! Честит роденден татковино. Ова е нашето име по кое се препознаваме и на кое наште срца чукаат најсилно. Да си ни вечна и силна. Да сте живи и здрави!, рече Мицкоски.