2.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Груевски објави необјавен архивски документ поврзан со македонската историја: Само за оние што ги интересира историја

Во продолжение подолг текст само за оние кои ги интересира да читаат историја и директно неповрзан со денешниот празник.

НЕОБЈАВЕН АРХИВСКИ ДОКУМЕНТ поврзан со македонската историја

Текстот подолу е документ кој е изваден од отворените за јавноста архиви во Република Бугарија од страна на Македонски историчари и е преведен на македонски јазик. Никогаш досега не е објавен, барем не во Македонија.

Креатор на документот и период на негово создавање

Овој документ е создаден од поединци во службата за државна безбедност на Бугарија неколку години по расформирањето на ВМРО на Иван Михајлов во мај 1934 година и само неколку години пред почетокот на втората светска војна. До 1934 год. ВМРО на Иван Михајлов освен огромниот број внатрешни пресметки, врши атентати главно врз српските политички и воено безбедносни структури и како водството така и пониските структури главно живеат и се стационирани на територијата на Бугарија, главно во Пиринска Македонија во Петричкиот крај каде се недостапни за Србија и Грција. Тие го имаат напуштено четничкиот начин на револуционерна борба, со организирани чети од времето на Тодор Александров, кои влегуваат на територијата на Србија и Грција, вршат револуционерни активности и потоа се засолнуваат главно во пиринска Македонија. Со доаѓањето на Михајлов се применува главно принципот на вршење атентати.

Политичко-безбедносни околности пред и кога е создаден документот

Тоа е време кога Бугарија меѓународно политички и севкупно е слаба, со слаби позиции, како резултат на поразот во првата светска војна. Принудена да биде во пријателски односи со Кралска Југославија која е дел од коалицијата на победниците во првата светска војна. Во време на создавање на овој документ Бугарија веќе има склучено пакт за пријателство со Југославија и владата на Бугарија се труди да го почитува тој пакт. Бугарија и тогаш како и денес Македонците ги смета за Бугари, но воопшто не е комотна во тој дел. Кога би била комотна не би и паднала напамет идеја за ваква операција која е опишана во документот. Во воведот на документот наведувајќи ги како докази претпоставките за предлогот на иницијаторите наведува: “в.Македонската емиграција во Бугарија, Европа или Америка со неизгаснатиот стремеж да ја помогне морално и материјално таа борба, готова за таа цел да се поведе борба не само со комунистите, но и со ѓаволот, штом условите не и дозволуваат на друг начин да ја изрази својата преданост кон родината.”
Ова е време кога под југословенски притисок Бугарија веќе ја има уништено ВМРО по превратот(воениот удар) во Бугарија на 19 мај 1934 година.

До тој момент во Вардарска Македонија има безмалку полувоена состојба а во пиринска Македонија неформално изгубен суверенитет на Бугарија каде суверено владее ВМРО. Според архивите но и пишувањата на дописникот на белградска политика од 31 август 1934 година населението било должно на организацијата да и дава оружена помош, а исто така и најголема можна материјална помош. ВМРО од своја страна било должно да го штити населението под бугарска власт од безаконие и малтретирање од страна на административните органи и приватните лица. Војната организација ја опфаќала не само „Македонија под бугарска власт“, туку имала центри и во областите на стара Бугарија, со команданти, терористи и курири. Организацијата уште имала намера да ја прошири својата власт и во Стара Бугарија со организирање на „Македонски помошен легион“, во кој би влегла целата македонска емиграција, која тајно во секое време би била спремна армија на организацијата.

Весниците од тоа време коментираат дека оваа организација, според истата запленета архива, се спремала да биде во состојба да се бори со бугарската полиција и војска, во случај да било која бугарска влада превземе акција за разоружување. …Постоењето на една сила против која ниту една бугарска влада не смеела да ја крене раката, не` доведе да гледаме спроведување во бугарската држава на казнени акции и експедиции, организацијата да киднапира луѓе од рацете на военото правосудство и да ги казнува, да врши инквизиција над офицерите на бугарската војска (срамната сариска афера), да се одвлекуваат луѓе од Софија и да се убиваат без суд и пресуда од државните бугарски државни власти, да се водат борби пред самиот двор“(затворен цитат).

Тоа е и еден од главните фактори за сменување на владата на Народниот блок со воен удар од офицерите припадници на групата „Звено”, на чело со генералот Дамјан Велчев.

Новата влада на претседателот Кимон Георгиев, која е создадена по превратот од 19 мај 1934 година, меѓу првите мерки го презела растурањето на “михаиловистичката” ВМРО, за што пристапува кон апсење на нејзините раководители и функционери и кон забранување на нејзините печатени органи и изданија.

На 31 август 1934 година новата бугарска влада носи Уредба со законска сила за безбедност на државата. Овој закон со своите строги санкции се однесува во прв ред на организацијата на Иван Михајлов и на групите и круговите кои му помагаа или би можеле да му помогнат. Предвидените санкции уште еднаш даваат доказ за решеноста на владата на К. Георгиев по секоја цена да ја ликвидира Организацијата и на тој начин да допринесе за зацвртстување на односите со Белград.

Период кога е создаден документот

Точниот датум на подготовка на документот не е познат, но според содржината веројатно е во периодот некаде помеѓу 1938 -1940 година, во предвечерјето на втората светска војна.

Состојби во редовите на преживеаните остатоци на ВМРО во време на креирање на документот

Повеќето славни водачи на ВМРО веќе се одамна убиени, тргнувајќи од Тодор Александров (1924), Александар Протогеров(1928) и повеќето нивни најистакнати приврзаници. Убиени се многу и од луѓето на Ванчо Михајлов.
Сепак, меѓу живите поранешни авторитети на десното ВМРО, има неформални авторитети во општеството, кои главно авторитетот во време на создавањето на овој документ го црпат од славното минато на ВМРО.
Поранешниот водач на ВМРО-Ванчо Михајлов ноќта помеѓу 9 и 10 септември 1934 нелегално ја преминува границата со Турција и заминува во егзил во таа земја, каде на 9 Октомври го затекнува новината за Марсејскиот атентат на Југословенскиот крал, последната голема акција на ВМРО.

Од крајот на 1934 година нему во Бугарија му е изречена смртна казна и се бара со потерница. Поточно три смртни казни и девет пресуди за доживотен затвор.

Во почетокот на 1938 година турските власти разоткриваат заговор за убиство на Михајлов организиран од Југословенската влада по што министерот за внатрешни работи на Турција настојува пред бугарските власти тој да биде амнестиран или барем да му помогне во заминувањето во Соединетите држави, но бугарската влада одбива да го реши случајот.

По околу 4 години престој во Турција, во септември 1938 година, заминува за Полска, а по престојот во Берлин, од пролетта 1940 до мај 1941 година живее во Будимпешта, Унгарија, каде тој ја разгледува можноста со германски и со италијански претставници за формирање македонска држава во нејзините етнички граници. Од таму заминува за Хрватска каде е во периодот на втората светска војна каде на власт е Анте Павелич со кого и со Хасан беј Приштина уште 8 години претходно на 14 април 1933 година изработуваат проект за сојуз помеѓу ВМРО, хрватските усташи и косовскиот комитет за заедничка акција против Југославија.

Подоцна има престој во Австрија и Шпанија, а по втората светска војна се стационира во Италија до крајот на својот живот.

Тој во овој период кога е создаден документот нема значајно политичко влијание (освен во дијаспората во САД и Канада), но неговите приврзаници – “михајловистите” живеат иако политички не многу активни главно во Бугарија. Нивното ривалство со “протогеровистите” и огромниот број меѓусебни убиства и ликвидации сеуште се свежи и нетрпеливоста помеѓу поранешните припадници на едните и другите е жива.
Македонија е поделена. Пиринска во Бугарија, Вардарска во Кралството Југославија и Егејска во Грција. Во тие неколку години по 1934 година нема позначајни и поголеми особено не револуционерни потфати на Македонците.

Сепак, тоа е период кога зајакнува и сеуште е живо левичарското ВМРО, поточно ВМРО(обединета). Во тоа време со голема подршка на СССР расте популарноста на комунистичкото движење и идеологија во Европа, а истовремено и стравот од него во земјите каде веќе има активни комунистички партии, вклучувајќи ја и Бугарија. Водачите на ВМРО (обединета) по левичарска линија се во дослух со СССР и тоа ја загрижува Бугарија. Коминтерната (асоцијација на комунистичките партии во светот во која водечка улога имаат советите) меѓу другото веќе се има произнесено дека таму каде ќе дојдат комунистичките партии на власт ќе се овозможи самоопределување со можност за отцепување на малите народи, во што голем број Македонци гледаат историска шанса и меѓудругото затоа масовно ги подржуваат комунистите.

Остатоците од десницата на ВМРО се идеолошки главно антикомунистички настроени како и сите нивни претходни водачи, со по некој исклучок како членот на ЦК на ВМРО Петар Чаулев на пример, кој бил советски соработник, но и тој во ова време е веќе одамна меѓу ликвидираните во меѓусебните пресметки.

Целте заради која се креирал документот од структури на државната безбедност на Бугарија?

Целта на овој документ е одредени структури во државната безбедност на Бугарија да обезбедат подршка од повисоките политички структури за еден вид возобновување на ВМРО но под стопроцентна контрола на службата за државна безбедност и исклучиво во правец на целите на Бугарија. Тие ценат дека постои почва меѓу народот за тоа и подобро е тој процес да е под нивна контрола и од нив менаџиран одколку некои други држави кои не се среќни со пактот меѓу Југославија и Бугарија да се инволвираат за да имаат влијание. Имајќи ја во обзир слабата позиција на Бугарија, нивната намера не е ВМРО повторно да започне револуционерна дејност за ослободување на Македонија, туку да се искористи брендот и дел од остатоците на преживеаните од десница на ВМРО да се искористат за пропагандни цели од интерес на Бугарија. Нивната активност се предвидува да е насочена главно кај Македонската емиграција во Европа и Америка, вклучувајќи ги и активностите за намалување на влијанието на ВМРО (Об).

Исто така во документот се предвидува возобновената структура на ВМРО да делува и на териториите на трите Македонии во трите држави: Бугарија, Југославија и Грција. Најважно од се на креаторите на документот им е се да е тајно а особено било каква поврзаност со Бугарија со возобновениот ВМРО, што повторно сериозно би ја ставило Бугарија во тешка ситуација наспроти Југославија. Практично тие во документот предвидуваат само новиот водач на ВМРО да има контакт со преставник на тричлено тело на бугарската служба за државна безбедност и со никој друг од владата.

6. Зошто е значаен овој текст?

Од текстот може да се види односот на Бугарија кон ВМРО, макар и кон десницата која главно живее во Бугарија.
Тие сакаат за прв пат да создадат ВМРО кое ќе им биде под целосна нивна контрола, што јасно укажува дека во минатото тоа не било така. Авторот(те) на документот во еден дел за македонското револуционерно движење ќе напишат: “…затоа што на тој начин ќе ја отстраниме трката помеѓу државата и движењето, коишто се покажаа толку погубни за нацијата; не само што ќе го прочистиме од јазлите на минатото и ќе ставиме крај на партизанштината во него која што и до денес не престанала да го напаѓа; не само што ќе го отргнеме од прегратките на таа или онаа туѓа држава и ќе го поттикнеме по патот на нашата реална политика по националното прашање- ние сме за него уште и последната причина.”

Од текстот јасно се гледа дека Бугарија не ги контролира ниту оние авторитети-неформални водачи од редот на преживеаните, па мора да создаде ново идеолошко тело во рамките на самата државна безбедност кое би управувало со процесите и би се обидело да привлече што повеќе од живите поранешни револуционери од десницата.

Тие подвлекуваат дека “михајловистите” се не единствени и дека дел од нив сеуште стојат на становиште за независна македонска држава наместо присоединување кон Бугарија: ”Малцинството од постојните водачи изјавуваат дека се таму каде што беа пред 19 мај и значи ништо ново не научиле и ништо старо не заборавиле”.

Уште повеќе со критики се кон неформалните водачи на протогеровистите.

Отценуваат дека пониските структури во двете групи (кои ги сметаат за добар матерјал за новото движење)се поподатливи за целите на Бугарија од водачите. Затоа имаат потреба од создавање ново водство под контрола на државната безбедност и велат:

“Тој материјал, имено е, основната база на третата група (идејна), чиишто водачи немаат ништо заедничко со довчерашното минато, ги имаат симпатиите на масите и ги имаат сите карактеристики и возможност, не само да ја корегираат десницата во македонското ослободително движење и ја постават во услуга на државата и националните идеали, но и најважното, можат најдобро да се спротивстават на левицата (ВМРО обединета, комунистите) и да ја поразат.

Потоа одат кон детално опишување на целите и формата на делување, кои се многу интересни како стратегија да се прочитаат.

Следува целиот преведен на македонски јазик документ изваден од бугарските архиви.

ДРЖАВАТА И МАКЕДОНСКОТО ОСЛОБОДИТЕЛНО ДВИЖЕЊЕ

Да го докажуваме постоењето на македонското ослободително движење и по 19 мај, сметаме дека е излишно. Сите докази за тоа се на очиглед:
а.Македонија под ропство б. Поробените македонски Бугари во процесот на ослободување в. Македонската емиграција во Бугарија, Европа или Америка со неизгаснатиот стремеж да ја помогне морално и материјално таа борба, готова за таа цел да се поведе борба не само со комунистите, но и со ѓаволот, штом условите не и дозволуваат на друг начин да ја изрази својата преданост кон родината.

г. Стремежот на некои туѓи мали или големи држави (Турција, Советска Русија и др.) да се послужат со него за да го компромитираат бугарско-југословенското зближување од коешто немаат никаков интерес или установат преку ВМРО извесно влијание во Бугарија. д. Аспирациите на поранешните партиски водачи во Бугарија да ги востановат силите на движењето, за да ја освојат власта, потпирајќи се покрај другото и врз неговите рамења по патот на партиското влијание-познато од минатото.

е. Достапноста на револуционерните кругови коишто се блиски кон расформираната ВМРО коишто се обидуваат да излезат од ќорсокакот во кои влегоа по 19 мај и ризикуваат, раководени сеуште од нивните стари корумпирани водачи, да го повторат тоа минато. Овде не ја земаме под внимание комунистичката ВМРО (обединета), чијашто дејност за несреќа, благодарение на создадените услови по горенаведениот преврат се раширила до степен да за неколку години, ако денешната положба продолжи, да го прекрие не само населението во поробена Македонија, но и емиграцијата: овде, Европа и Америка.

Со други зборови: додека има поробени Бугари во Македонија и постои Бугарија, сврзана не само историски и духовно со нив, но и крвно во лицето на петстотиниилјадната емиграција и 6 милиони бугарски народ; додека македонското прашање стои на онаа висина предодредена од Берлинскиот конгрес, по силата на којашто тоа неможе да се смета само за бугарско, но и за балканско, европско прашање- до тогаш ќе постои и борбата за ослободувањето на Македонија. Ќе ја одречеме ли или просто ќе ја занемариме-со тоа апсолутно нема да ја отстраниме, а уште помалку ќе ја направиме безвредна за себе си.

Да постои или не македонското ослободително движење независно од бугарската држава? Од бугарската држава зависи наполно, да го канализира и претвори во потпора на државната и усогласена со националните интереси надворешна и внатрешна политика на Бугарија, за да го спаси за своја полза од партиските посегања и „пријателските„ грижи на туѓите држави. Нема зошто да поцртуваме дека националните идеали ја создадоа, засцврстија и развија бугарската држава и дека тие додека не бидат остварени целосно, ќе останат најмоќниот нејзин инструмент за државна и национална самозаштита, творештво и единство. И затоа пред државата се поставуваат две прашања:

1. Да го остави движењето да се развива на своја глава, пробивајќи си пат со најразорувачки средства од природа да доведат до конфликт и взаемно уништување на нејзините и тие на националните идеали, интереси или

2. Да установи помеѓу себе си како врховна заштитничка на сите Бугари (слободни и поробени) и тоа движење како основна сила на постоечките национални идеали, однос на взаемно, хармонично и разумно разбирање и потчинување поставено по содржина во зависност од конкретното дејствување.

Произлегувајќи од сето кажано до овде, ние сме за последното решение. Ние сме уште за него, не само затоа што на тој начин ќе ја отстраниме трката помеѓу државата и движењето, коишто се покажаа толку погубни за нацијата; не само што ќе го прочистиме од јазлите на минатото и ќе ставиме крај на партизанштината во него која што и до денес не престанала да го напаѓа; не само што ќе го отргнеме од прегратките на таа или онаа туѓа држава и ќе го поттикнеме по патот на нашата реална политика по националното прашање- ние сме за него уште и последната причина.

ЗБЛИЖУВАЊЕТО. Бугарско-југословенскиот пакт е свршен чин. Каква е неговата содржина и каква полза ќе донесе за Бугарија и бугарските национални идеали-тоа го знаат најдобро оние коишто ја претставуваат бугарската држава и имаат целосно сознание за својата одговорност пред историјата. Ние потполно веруваме во нивната мудрост и не се сомневаме дека земале во предвид се, за да не остане Бугарија изиграна. Пактот е склучен. Но си го поставуваме прашањето: Со тоа ќе престане ли нашата соседка да се меша преку разни агенти во нашите работи? Ќе се откаже ли од шпионските мрежи коишто ги вметнала меѓу едни или други групи за да ја дели нашата општественост и врши дејствие врз движењето на внатрешниот живот во државата? Ќе крене ли раце од призмите на подземната шпионажа и тенката дипломатија која што со сите расположливи средства (поткупи и др.) има за цел пред се да го искористи пактот за сопствената држава, како во национален, така и во меѓународен однос.?

Јасно и категорично треба да изјавиме: Не! Политичкиот карактер на пактот го исклучува отстранувањето на тој класичен систем на борба за надмоќ помеѓу државите. Тоа уште повеќе важи за Балканот и особено за двете стари сопернички- Бугарија и Србија. Како што потцртавме погоре, пактот со ништо нема да ги намали обидите на Србите да го рашират своето влијание во Бугарија и да ја засилат под една или друга форма својата јавна или тајна, шпионажа, разурнувачка дејност, за да можат и во име на зближувањето да се наложат и свират прва виолина. Затоа што не само содржината на пактот, како политичка етапа кон едно зближување меѓу двата народа, но и самото зближување при своето остварување зависи од времето, така да се изразиме, подлежат на еден историски процес- сврзан со многу противречни интереси помеѓу договорните страни, коишто неминовно ќе се појават меѓу нив и ќе наложат превземање мерки за осигурување на нивното надминување, се разбира секогаш со намера, едните да ги проголтат другите.

Природно, бугарската држава не е толку наивна, за да не гледа на зближувањето- привремено или трајно како на една исполнета историска реалност поврзана имено со тие противречности, за да не ги превземе неопходните мерки преку коишто најдобро ќе ги заштити сопствените интереси. Ние само прашуваме: доволни ли се тие? Не е ли криво нешто во тој однос и не е ли време да се внесат извесни промени наложени од условите во механизмот на нејзиниот апарат предопределен за надворешни цели? И специјално за Југославија и Грција каде што живеат толку многу поробени Бугари- не претставуваат ли последните еден моќен фактор за едно природно за нас влијание во тие држави по патот на борбата за ослободување која што се развива таму и која што ние можеме најдобро да ја практикуваме преку македонското движење?
Тоа прашање како и прашањето воопшто за односите помеѓу македонското движење и државата, поттикнува едно трето прашање од поконкретен карактер, а имено: како да го канализираме тоа движење без да ја одречеме неговата суштина, но и без да ги нарушиме интересите на бугарската држава, во случајот бугарско-југословенското зближување или каков и да е друг чекор на државата направен за доброто на Бугарија и сите Бугари?

ВМРО. Моментално, таа организација уште ги преживува раните од меѓусебните пресметки кои се појавиле со убиството на Протогеров во 1928 година. Во неа уште се оцртуваат два непријателски настроени табори: михајловисти и протогеровисти, од средината на коишто, особено по 19 мај како резултат на прегрупирање и во духот на новото време се создаде една трета привремена група која што за прегледност ќе ја наречеме идејна, со тенденција да ги проголта.

Што претставуваат од себе си тие три формации? На прво место по својата сила и значење доаѓаат Михајловистите. Теоретски тие не се против присоединивањето на Македонија кон Бугарија, но од причини истакнувани и друг пат од нас се придржуваат до лозунгот „слободна и независна Македонија„. Практично, меѓутоа, михајловистите не се единствени. Малцинството од постојните водачи изјавуваат дека се таму каде што беа пред 19 мај и значи ништо ново не научиле и ништо старо не заборавиле. На тоа се спротивставуваат поголем дел од приврзаниците на Иван Михајлов, вклучително и довчерашните терористи коишто одат дури дотаму што им ги одречуваат на горните лица квалитетите на водачи и сфатиле дека треба да се прекине со минатото и да се тргне по нов пат. Тоа ни покажува слободен пат дека ВМРО никогаш не страдала од недостатокот на чесни и предани на каузата и Бугарија револуционерни кадри, но од недостатокот на способни, далекувидни и морално издигнати водачи коишто ја разбираат неопходноста на дејствување и најважното: да знаат кога треба да отстапат од челните места каде што веќе се покажуваат за непогодни. Со закани и инает, може да се гради историја, но не и светла утрешнина за нацијата.

На второ место, но не по сила и значење, а по востановениот ред од нас погоре, доаѓаат протогеровистите. Теоретски, тие се за сите револуционерни лозунга, независно од нивната содржина (Интегрална Југославија, единствен фронт со комунистите и др.) штом се потплатени со злато, било од Москва, било од Белград. Практично пак се покажуваат податливи кон предавства (ги имаме во предвид нивните водачи) и шпионажа. Нема да ги цитираме имињата на некои од нив коишто дејствително се наоѓаат во српска служба, ниту пак имињата на оние коишто се готови во секој момент да ја префрлат границата и да се стават на услуга на српската државна политика. Во своето мнозинство, меѓутоа, протогеровистите се чисти од секое сомневање за преданост кон делото на Македонија и како и поголемата маса од михајловистите (без визираните водачи), а исто така и најактивните околу весникот „Македонски глас„ претставуваат великолепен материјал за обнова на движењето во духот на новото време. Тој материјал, имено е, основната база на третата група (идејна), чиишто водачи немаат ништо заедничко со довчерашното минато, ги имаат симпатиите на масите и ги имаат сите карактеристики и возможност, не само да ја корегираат десницата во македонското ослободително движење и ја постават во услуга на државата и националните идеали, но и најважното, можат најдобро да се спротивстават на левицата (ВМРО обединета, комунистите) и да ја поразат.

Овој доклад произлегува од таа група и затоа ние ќе оставиме, тој сам да ја оцрта нејзината физиономија.
ДРЖАВАТА И ВМРО/МАКЕДОНСКОТО ОСЛОБОДИТЕЛНО ДВИЖЕЊЕ. Дејноста на ВМРО треба да биде строго конспиративна и по содржина таква, што во никој случај да не го нарушува престижот и интересите на бугарската држава, како во областа на нејзината внатрешна, така и во областа на надворешната политика.

Затоа е неопходно:

1. Да се создаде под лажно наименување тајна служба при одделот за државна безбедност којшто исклучително ќе се занимава со контрола над националноослободителните движења-македонско, тракиско и добруџанско.

2. Службата да има за раководител специјалист по националните прашања и по возможност незаменлив човек којшто ќе биде врската помеѓу државата и водачот на ВМРО со којшто претходно ќе бидат дискутирани сите потфати од национален карактер.

3. Да не се дозволува никаков директен контакт помеѓу државата во лицето на било кои други органи (влади, министри и министерства и др.) со кој и да е институт, група или лице во ВМРО или со водачот на последната, затоа што секоја таква средба се покажувала фатална: се вознемирува движењето, се создаваат разногласија и најважното- секогаш станувала домен на туѓа шпионажа. Или со други зборови: ВМРО- тоа е водачот којшто ја раководи; државата- тоа е раководителот на тајната служба по националните прашања. Секој друг контакт, денес би се покажал погубен.

4. Државата да установи своја „генерална„ линија по националните прашања, респективно и македонското ослободително движење, спроведувана последователно од посочената служба која што да не зависи од промената на режимите и владите и во основа на која да легнат следните принципи:

Целиот текст во продолжение на линкот ОВДЕ

поврзани објави

Последни објави