Македонското ракометно репрезентативно крило, Дејан Манасков, кој моментално настапува во германскиот Рајн Некар-Левен, од следната сезона најверојатно ќе го облече дресот на шампионот на СЕХА лигата и вицешампионот во Лигата на шампиони, Веспрем.
Како што пренесува специјализираниот портал „Хендбол-планет“, во тимот од Унгарија се спрема нов проект на чело со тренерот Љубомир Врањеш. Едно од новите засилувања на позицијата десно крило се споменува токму нашиот Дејан Манасков.
Познато е дека Манасков не добива добра минутажа во Рајн Некар-Левен, па јасно е дека ќе бара нова средина. Според информациите тој веќе има постигнато споразум со Веспрем за договор во траење од една година, а официјалната потврда се очекува да пристигне за брзо време.