6.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Колев до Миташев: Во минатото мажите умирале за да си го заштитат достоинството, денес доволно е да ги изложат аргументите очи во очи!

Претседателот на МБП, Петар Колев, изненаден од емоционалната реакција на претседателот на Советот на Општина Штип д-р Миташев, за кој како што рече самиот тој, го нарекол негатор на македонската нација и јазик, јавно го повикува на ТВ – дебата на која би можеле да ги соочат нивните аргументи.

Ви го пренесуваме интегрално целото писмо во кое Петар Колев го повикува д-р Миташев на ТВ дуел..

Почитуван д-р Миташев,

Пред се сакам да Ви се заблагодарам за одговорот на испратеното писмо од мене. За разлика од градоначалникот на град Штип, Прим. м-р Илчо Захариев, Вие одговоривте на начинот на кој што мислите, на писмо испратено од невладина организација и граѓанин на град Штип, за што Ви се заблагодарувам срдечно.

Со целата почит кон Вас, нема како да не одговорам на Вашето писмо, кое очигледно е многу емоционално и на моменти агресивно и нелогично.

Мислам дека Вие сте го прочитале моето писмо, како што ѓаволот го чита Евангелието т.е. го чита само тоа што му одговара.

Пред се сум изненаден од емоционалната реакција од Ваша страна поради фактот дека сте од редовите на десната партија ВМРО-ДПМНЕ, која во блиското минато беше онаа сила која го уриваше комунизмот во Македонија, а конкретното писмо се однесува за спомен обележје поставено во комунистичкиот период, од комунистичката тупаница во лицето на Сојузот на борци. Се прашувам од кога членовите на десните партии кои се членки на Европската Народна Партија, го штитат комунизмот, кој од самите нив е осуден како злосторнички и тоталитарен систем. Во светски но и во европски рамки, постои знак за еднаквост меѓу фашизмот и комунизмот и штитејќи ги таквите одбележја Вие ги штитите и спомените од тие два режими кои се дефинирани како најголемото зло во човековата историја.

Д-р Миташев, јас никаде во моето писмо не алудирав на тоа да се уништи спомен обележјето, побарав истото да се дислоцира во музеј или на друго место, поради содржината и вокабуларот кој е искористен во него. Цитирам: „Злогласен затвор, измачувани, убивани, масакрирани”. Овие термини според мене, но и според детски психолози со кои се консултирав, се класични термини на јазикот на омразата, која секојднево се чита од децата на возрат од 6 до 14 години. Според специјалистите, а не според Вас или мене, тоа ќе остави трага во сознанието на учениците и ќе ги исполни со предрасуди, кои за среќа одамна се надминати во семејството на обединета Европа.

Го спомнувате примерот со канцеларите на ФР Германија. Да тоа навистина е така, но до тој момент се стигна благодарение на тоа што на влезните врати на израелските, француските, полските и други училишта нема плочи со таква содржина. Со постоењето на такви обележја, потенцирам на влезните врати на училиштата, Вие го саботирате процесот на национално помирување и можноста идните генерации да заживеат во обединета и исполнета со доверба и почит Европа.

Мислам дека овој дел од писмото Вие воопшто не сте го прочитале и разбрале или можеби не сте сакале да го разберете, затоа Ви го цитирам:

„Немам ништо против од тоа да има обележје за загинатите од тој период, но не мислам дека обележје со таква содржина треба да се наоѓа на влезот од училиште и учениците секојдневно да го гледаат, затоа што таквата агресивност во текстот е и една од причините за најголемиот вооружен конфликт во историјата на човештвото.

                За да бидам разбран правилно и да не бидам обвинет за тенденциозност ќе споменам неколку факти. На училиштето „Гоце Делчев” во Штип, нема плоча со текст во кој се опишува како е убиен од Турците или што правеле Турците во Штип. На ниту едно друго училиште во градот нема плоча за српската окупација на градот. Никаде не можете да видите плоча за комунистичкиот режим, односно за штипјаните осудени и испратени во затвор во Идризово или на Голи Оток. Уште помалку пак ќе видите плоча за жртвите на комунизмот”

Некако како представник на ВМРО-ДПМНЕ сте го пропуштиле овој пасус, за кое искрено сум изненаден.

За моја огромна жал Вие, сте ме наброиле како негатор на македонската нација и јазик, но и сам можете да се убедите на каков јазик ви се обраќам. Навистина жалам што една логична тема сте ја вклучиле во вашата партиска пропагандна агенда, но Вашето тврдење е апсурдно и нелогично. Овде се чувствувам должен да Ви обрнам внимание дека кириличното писмо е официјалното писмо во Р. Македонија, а не оние знаци со кои Вие сте ми пишале и дека зборот ЗВАНИЧНАТА- е србизам, а на македонски би требало да го искористите зборот ОФИЦИЈАЛНАТА.

Во однос на мојата татковина д-р Миташев, јас сегогаш сум бил искрен и јавно сум споделувал дека Македонија е мојата татковина, но имам бугарско потекло и сум државјанин на Р. Бугарија. За разлика од многу политичари во нашата земја, иако јас не сум политичар, секогаш сум искрен по таа тема, но се уште не сум го слушнал мислењето и позицијата на некои други наши сограѓани. Немојте да заборавате дека точно поради, како што Вие велите „мојата татковина Бугарија“, стотици семејства од нашиот град кои беа на работ на својата егзистенција, благодарение на вас политичарите, денес земаат европски плати по илјадници евра и имаат успешен бизнис и соработка со Бугарија.

Повеќе од очигледно е дека оваа тема предизвикува интерес во нашето општество и ние со Вас имаме што да споделиме со јавноста. Затоа Ви предлагам да излеземе на јавна дебата и да ги изложиме нашите аргументи. Ако случајно се вознемирувате од јавна дебата, јас сум готов на средба да Ви ги изложам моите аргументи, затоа што мислам дека тие аргументи се во основата на европското размислување, кое без разлика на Вас или други политичари ќе биде иднината на нашата земја.

Со Почит,

Петар Колев

 

поврзани објави

Последни објави