Ракометарите на Металург ја забележаа втората последователна победа во регионалната СЕХА лига, трета во последните четири натпревари од вкупно шест победи во текот на целата сезона.
Во СЦ „Борис Трајковски“ Металург вечерва го одигра последниот натпревар во рамките од регионалното натпреварување, успевајќи да го победат Горење со 28:25.
Натпреварот немаше резултатско значење ниту за еден од тимовите, но „сините“ од Автокоманда како повеќе да ја посакуваа победата, па на крајот и заслужено дојдоа до неа.
Вања Илиќ беше најефикасен во победничкиот табор со 7 погодоци (3 седмерци), Филип Кузмановски и Немања Обрадовиќ запишаа по 5 погодоци. Кај гостите најмногу погодоци постигна Грегор Поточни со 8 голови.
Металург се наоѓа на 6. позиција на СЕХА лигата по 16. одиграни кола, а до крајот на избраниците на Лино Червар им претстојат гостувања кај Извиѓач и Нексе.