fbpx
6.8 C
Skopje

ДОМ: Да покажеме разбирање за нашите разлики и мудро да ги надминеме

АКТУЕЛНО

„ДОМ апелира до сите граѓани на Република Македонија да покажеме разбирање за нашите разлики и мудро да ги надминеме. Да создадеме услови за нив да разговараме низ институциите, преку демократски дијалог. Моменталната политичка ситуација има голем конфликтен потенцијал, а општеството е длабоко поделено по многу основи.

Најопасно е тоа што не функционира Парламентот и нема избрана Влада по одржаните избори, чии резултати сите ги признаа. Институциите треба да се конституираат и тогаш сите политички прашања ќе се отвораат во Парламентот, пред очите на целата јавност и нема да бидат привилегија или товар на тесни партиски групи. Само така ќе знаеме кој што предлага, кој што застапува, прифаќа или одбива. Собраниските процедури опфаќаат јавни расправи, поднесување амандмани и борба на мислења. А граѓаните секако ќе имаат удел во носењето на законите, зашто ниеден одговорен политичар не може да се оглуши на пулсирањето на јавноста. Конечно, Претседателот на државата може да потпише или не, некој закон, за кој ќе смета дека е надвор од уставната рамка. Ова е патот за демократска разврска, без можност за манипулација на граѓаните и нивните емоции.

Имаме разбирање за граѓаните кои искрено протестираат за зачувување на унитарниот карактер на земјата, свесни дека тоа е еден од столбовите за нејзино опстојување. Не прифаќаме еднострано лепење етикети на наши сограѓани и ставање во исти кош со поединци кои од други побуди шират дезинформации и говор на омраза. Ова е наш принципиелен став, исто како што не прифаќавме ни минатата година, ни сега, лепење поинакви етикети за оние сограѓани, со кои се боревме за создавање услови за слободни и демократски избори, за право и правда.

Голема е веројатноста дека овие две граѓански групи нема да се разберат во најблиска иднина, но не смееме да дозволиме да се гледаат низ нишанот, зашто ТОА и САМО ТОА би било крај за Македонија, каква што ја знаеме и сакаме.

За да нема забуни, намерни или ненамерни, околу прашањата за карактерот на државата, ДОМ уште еднаш го повторува својот став за зачувување на Уставот и почитување на Рамковниот договор, кој обезбеди комбиниран модел на унитарна граѓанска држава со вграден мултикултурен образец со кој се спречува мајоризација на било која заедница“, се вели во соопштението на ДОМ.

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -