Генералниот директор на АД ЕЛЕМ Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција рече дека АД Електрани на Македонија нема да бара зголемување на цената на електричната енергија за тарифните потрошувачи, а негативното салдо од работењето на почетокот на годинава предизвикано со увозот на струја заради екстремните студови ќе го надмине со извоз на струја кога ќе биде поскапа на берзите.
Мицковски истакна дека во моментов цената на електричната енергија на берзите е 24,5 евра за мегават час и е за 17 евра пониска од регулираната на ЕЛЕМ.
Тој најави дека во иднина тие сакаат да почнат со увоз на евтина струја и во тој период да ги подготвуваат капацитетите и да ги полнат акумулациите за подоцна кога цената на струјата ќе биде повисока од регулираната да извезуваат.
„На тој начин не само што компанијата ќе може да го испегла негативното салдо во работењето од почетокот на годинава, туку ќе може и да забележи профит“, рече Мицкоски
Тој вели дека во текот на ланската година тие успеале да ги завршат гео-техничките истражни работи во новите наоѓалишта на јаглен на потегот помеѓу Делчево и Пехчево каде што се откриени нови 50 милиони тони јаглен што е доволно за нов производствен капацитет од 150 до 200 мегавати што би произведувал базна енергија најмалку 30 години, добиле одобрение за градба за примарниот топловод и терцијалната мрежа од проектот Топлификација на Битола.
Во однос на предметот „Труст“ на СЈО, Мицкоски потенцира дека внатрешната контрола на компанијата покажала дека целата постапка во АД ЕЛЕМ била водена согласно Законот за јавни набавки што во тој момент бил во сила. Потенцира дека АД ЕЛЕМ има внатрешна и надворешна ревизија што ја врши консултатнт, а компанијата е константно контролирана и од Државниот завод за ревизија.