6.8 C
Skopje
Friday, November 29, 2024

Ванковска: Оние кои фрлаа бекатон по главите на полицајците ги обвинуваат за протест оние кои ги одбрале боите на државното знаме!

Универзитетската професорка Билјана Ванковска на својот профил на Фејсбук напиша статус за актуелната политичка состојба во државата, споредувајќи ги оние кои протестираа на шарената револуција и оние кои протестираат денес.

Статусот на Ванковска ви го пренесуваме во целост:

„Сите овие денови се мислам и разговарам со колеги и пријатели: како е можно оние кои непречено користеа право на мирни протести (дури и кога се кошкаа со полиција, фрлаа бекатон по нивни глави, ги провоцираа, уриваа споменици, запалија во гнев државна канцеларија, и сл.) сега да се бунат против истото такво право на протест на оние кои одбрале две бои, оние на македонското државно знаме? Какви се тие двојни стандарди?! Да, мора да признаеме, дечките од Шарената револуција главно беа едуцирани во странство, со одлично образование, начитани, посетувале семинари и работилници за демократија и човекови права. Ептен се навежбани во ТВ дебати, тркалезни маси, воркшопови! Наспроти нив сега се појавува друг лик на луѓе кои протестираат: мнозина од нив се едуцирани, ама не во странство; духовити и интелигентни, ама не и тренирани за „соушл мувментс“; можеби не се најелоквентни артикулирани во ТВ дебати – ама народот го разбира она што го говорат повеќе од оние другите кои користат европска фразеологија и англицизми.

Се прашувам како стасавме до таму да едните и другите не ги спојуваат макар двете бои на македонското знаме? Зарем од шаренилото, токму овие бои не требаа да бидат „најмал заеднички именител“ – сите сме граѓани на Македонија и сакаме да бидеме нејзини чинители, од нас да зависи, а не од партиски штабови и етнички уцени?! Како дојдовме до тоа да се срамиме од тоа да го закачиме тоа знаменце на ФБ профилот, од страв дека ќе не’ наречат ВМРОвци? Еден млад шарен дечко (кој протестираше од САД) се чуди: а каде сега да протестираме и зошто? Како да му нацртам дека се’ што лета не се јаде и дека има нешто за што мора да постои ЛИНИЈА! Не може постојано да отстапуваме од она што сме го зацртале (макар и под закана од војна во 2001), па и рамки да надминеме и устав да дерогираме само и само некој да направи влада со минимален легитимитет и минимално мнозинство во парламентот? И за кратко траење? Како можеме да молчиме ако имплицитно, ако не и експлицитно, капитулираме пред суптилна редефиниција на уставниот поредок? Како може да се молчи кога во преговори за фомирање влада се отвараат прашања за кои МОРА да има широка јавна дебата, па дури можеби и референдум? Нели, од нас зависи? Нели, моќта е во народот?

Во денешниот разговор заклучивме со пријателите: не можеме веќе да бегаме од етикетата ВМРОвци, бидејќи (со сите фалинки и митологизација на историското ВМРО), тоа ВМРО е нашиот идентитетски код. Шарените имаа право да протестираат против ДПМНЕ, да бараат правда и гонење на криминалот. Но, никој нема право да бара од нас да не бидеме ВМРО (без ДПМНЕ) и да се одречеме од боите на нашата држава со која се легитимираме пред светот. Црвената боја на нашето знаме, за среќа, не е боја на војници и војсководци, туку на народ кој се борел против сопственото исчезнување, кој бил асимилиран и газен, се’ до денот кога на АСНОМ огреа новото сонце на слободата. Во име на АСНОМ од кој ДИРЕКТНО го црпиме правото на самоопределување, ние не можеме да дозволиме хибридни решенија за (лажен, негативен) „мир во куќа“ или заради формирање на една слаба (т.е. евтина) влада.

СИТЕ партии треба да ја отфрлат ЗАЕДНО албанската платформа и тоа под ИТНО. Таа е можеби пишувана во Скопје, ама е заверена во Тирана. Таа задира во сериозни прашања, за кои не сакаме да дадеме легитимитет на една македонска партија и неколку албански. Сега не е време за на ваков начин да ни се подметнуваат кукавичји јајца, кои не носат ни соживот, ни толеранција, али раздор и параноја. Ако и се разговара и дебатира за вакви прашања, тоа се прави отворено и транспарентно, низ инклузивен процес (ете, и јас ја знам терминологијата), кој ќе трае и ќе се води врз основа на заемно разбирање и емпатија, а не во тесни кругови на партиски штабови кои и родена мајка би продале за три дена на власт“.

поврзани објави

Последни објави