13.8 C
Skopje
Friday, October 25, 2024

Горниот дом на британскиот Парламент денеска изгласа пратениците да добијат поголеми овластувања за условите за Брегзит!

Пратениците ќе добијат поголеми овластувања со што ќе можат да ги отфрлаат конечните услови што ќе ги постави Европската унија за Брегзит, и покрај апелирањата на британската Влада да не ги попречува преговорите. Ова денес го изгласа горниот дом на Британскиот парламент.

Со денешното гласање се додадени дополнителни услови за нацрт-законот за „известувања за заминивањето“ од ЕУ. Со овој закон и се одобрува на британската премиерка Тереза Меј да ги започне преговорите за излегување на Велика Британија од ЕУ, а истите таа планира да ги започне до крајот на месецот.

Со дополнетиот нацрт-закон сега се бара британскиот Парламент да одобри договор за напуштање пред истото да биде разгледано од страна на Европскиот парламент, или ако преговорите пропаднат, пратениците да гласаат одлука за напуштање на Унијата без договор.

Британската Влада веќе му вети на Парламентот дека тој ќе го гласа финалниот договор, но смета дека ограничувањето на можноста на Меј да се повлече од преговорите може да ја охрабри ЕУ да предложи лош договор со надеж дека пратениците ќе го отфрлат и веројатно ќе го прекинат Брегзитот.

Британските министри ќе се обидат да ги укинат промените во нацрт-законот пред тие да добијат законска сила.

Денешното гласање е втора дополнителна пречка за Меј, откако британската Влада и зададе удар со претходно внесениот амандман во нацрт-законот за заштита на правата на граѓаните од ЕУ кои живеат во Велика Британија.

Сега британската премиерка треба да го врати нацрт-законот во Долниот дом, забележува ДПА.

поврзани објави

Последни објави