6.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Дамка

Јас секогаш ќе изнајдам причина да
ја возвишам тагата во мене,
секогаш нејзе ќе и го доделувам првото место,
ќе клечам на колена и ќе го истривам уморот од стапалата,
дека долго врз мене газела и ќе гази,
та не отисоци, таа дамки остава,
дамки толку големи што се прелеваат
ко нормална слика во видното поле,
и јас дамка сум,
дамка во окото твое, сечие,
чиниш сите ме гледате, а слепи сте,
и ти не ги гледаш, воопшто,
дури ни преку прсти
не сакаш да си го протнеш окото,
зборуваш, а не слушаш,
на празно ми ломоти усната машина,
зар нема сум?!
Ниту пак ‘рбетот ме издава од уморот,
во дефицит сум на пријатели,
а очите секогаш ми рефлектираат сјај,
и среќна сум, пресреќна,
додека темнината не ме припитоми
до себе,
ама тебе те нема да ми ги сетиш дланките,
да ми ја ублажиш треската,
да ми го бакнеш челото.
Јас мислев дека растеме заедно,
а ние потуѓинци никогаш да не сме ти биле,
кога во оваа пролет што наѕира
јас на снегови се надевам,
што ли тоа ти кажува?!
Можеби грешиме.

Автор: Николинка Митрева

поврзани објави

Последни објави