Претседателот на СДСМ, Зоран Заев имаше свое обраќање до граѓаните од седиштето на партијата на кое ја промовираше програмата на идната Влада на Република Македонија.
Обраќањето на претседателот на СДСМ ви го пренесуваме во целост.
„Реформска влада – членство во НАТО и ЕУ, брзо одржливо надминување на политичката криза, реална поделба на Власта, градење на силни и професионални институции се дел од целите за кои ќе се залага новата Влада предводена од СДСМ рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
„Назадувањето заврши. Никој нема право да ги блокира демократските процеси и волјата на граѓаните кои со пенкало и глас избраа промени. Неопходни се повисоки плати, социјална сигурност, институции кои ќе гарантираат правда, но и квалитетн здравствен и образовен систем. Мнозинството граѓани за тоа гласаа на изборите. Цврсто стојам зад овие заеднички наши определби. Се сретнав со многу луѓе и тоа се очекувањата на граѓаните. Како одговорен политичар кој доби доверба, денеска сум тука да докажам дека ќе бидам премиер на сите граѓани на Република Македонија. Тоа значи дека секој од вас е важен, без разлика на политичка определба, верска или било каква друга.
Ѓорѓе Иванов не смее да ве вознемирува со лажни информации, преку лажните вести. Во духот на транспарентноста сакам да соопштам што содржи програмата на идната Влада на Република Македонија. Потоа ќе одговарам на сите прашања поради бројните невистини кои излегоа во јавноста, со цел да се немири за да се спасат себиси и да се одржат на власт.
Во составуањето на принципите, се водеме од нашите стратешки цели: Подобар живот, развој на економијата, владеење на право, враќање на демократијата, интеграција во ЕУ и НАТО, подобрување на меѓународниот углед. Од тука денеска ви ветувам. Република Македонија ќе биде држава за сите граѓани. Нема повеќе поделби меѓу блиски и неблиски со власта. Цврсто сме уверени да градиме заедничко општество меѓу граѓаните од сите етнички заедници, а не тензии и непријателства што сега се поттикнуваат меѓу граѓаните на етничка основа.
Република Македонија ќе се развива кон членство на ЕУ и НАТО. Ова е стратешки интерес за нашата држава. Ќе обезбедиме суштински подобрувања во општеството со цел почеток на преговорите со ЕУ за најкраток можен рок. Тоа ќе обезбеди квалитетен живот за сите граѓани.
Повисоки приходи – ќе ги насочиме парите кон граѓаните. Во првите шест месеци ќе ја зголемиме минималната плата. Фер даночен систем – оние кои имаат помалку ќе плаќаат помалку, доста со провизии и богатење врз грбот на граѓаните. Развој на домашните претпријатија – ќе ги поттикнеме домашните претпријатија да ги зголемат своите капацитети. Одговорна Влада и контрола на Власта – Граѓаните мора да имаат точни и навремени информации. Ќе се консултираме со граѓанските организации и ќе бидеме Влада која ќе го почитува мислењето на пратениците на Собранието Република Македонија од која е избрана таа Влада. Распределбата на парите за општините ќе биде транспарентна и правична. Владата ќе обезбеди еднаков пристап до правдата на сите граѓани, професионално, чесно и независно судство и обвинителство.
Ќе обезбедиме медиумски реформи и ќе го земеме предвид итни потребни реформи во таа област. МРТ ќе се реформира, ќе работи независно од политички и други влијанија. На граѓаните на Република Македонија им треба поддршка од државата да живеат квалитетно. Сите во администрацијата ќе работат слободно, без партиски притисоци, без деградирање на едни, а наградување на други. Потребата од чист воздух, нови патишта и студентски домови, функционални здравствени домови е потреба на сите.
Закон за употреба на јазиците – нашиот став е тоа да биде според Уставот, да биде прифатливо за партиите кои обезбедивме мандат. Тоа е – едно општество за сите, во кој силно веруваме. Новата Влада ќе води политика во која Македонија ќе се гради како граѓанска држава на сите кои живеат во неа. Ќе обезбедиме јазична политика според потребите и интересите на граѓаните. Ќе донесеме законски решенија со кои ќе се прошири употребата на албанскиот јазик во институциите. Законот целосно ќе ја гарантира соодветната употреба на македонски, турски, ромски и влашки. И на нив ќе им биде овозможена употреба на нивниот јазик. Со тоа ефикасно овозможуваме на граѓаните да зборуваат на својот мајчин јазик. Со тоа не губат граѓаните а добива Република Македонија како граѓанска држава. Лага е дека оние кои нема да го знаат јазикот дека ќе платат казна. Како во целиот демократски свет има казни за институциите кои нема да го почитуваат Уставот и законот. Институциите имаат обврска да обезбедат комуникација на граѓаните албанци за нивниот мајчин јазик. Тоа значи дека институциите на локално ниво мора да обезбедат граѓаните да зборуваат на својот јазик. Ќе воведеме серија активности за унапредување на македонскиот јазик.
Цврсто сме убедени дека за ова се согласни сите граѓани на Република Македонија. Со овој концепт се зајакнува унитарноста на Република Македонија. ВМРО-ДПМНЕ ја втурнува Македонија во изолација и нестабилност, свесни дека ја изгубија власта во Република Македонија. Граѓаните не смеат да бидат изиграни.
Македонија е созреана за нов начин на водење политика. Дојдено е време политичарите да се плашат од граѓаните, да полагаат вистински отчет, партиите мора да се демократизираат, во партиите мора да се слушне гласот на сите, на младите, пензионерите, бизнисмените, студентите. Како нова Влада, наместо конфронтација со граѓанскиот сектор ние ќе овозможиме тие да вршат контрола врз власта. Наместо узурпација на државните институции ќе овозможиме да работат слободно и според закон.
Вие граѓаните сте гласот на демократијата. Вистината е во фактите, логиката, аргументите. Низ овие процеси на демократизација заедно ќе учиме да препознаеме лажни од вистински вести, заедно ќе учиме кога другиот различен од нас е во право, заедно ќе бидеме доблесни да го потврдиме тоа, и во медиумите и во Собранието, низ институциите на државата.
Завршува времето на реваншизам. Не се виновни граѓаните кои го дале гласот за таа опција. За тоа се виновни Никола Груевски и тие околу него. Слободниот живот мора да го почувствуваат сите граѓани. Подаваме рака кон секого. Нема подобни и неподобни, нема над Македонци, над Албнаци, над луѓе. Сите сме еднакви и сите ќе уживаме еднакви права во нашата татковина. Доста е омраза, конфликти, поделби, изолација. Македонија не смее да ризикува со криминалци на власт кој го коцкаат спокојот на граѓаните за свои лични интереси како тоа што го прави ВМРО-ДПМНЕ.
Ги повикувам граѓаните да се вратат во своите домови. Го почитуваме правото на протест, гарантирано со Уставот и закон. И вашиот глас е слушнат. Ја соопштив новата програма која се темели исклучиво на Уставот. Таа програма ќе биде јавно достапна за сите уште денеска.
Потребно е Македонија да излезе од политичката криза и секој граѓанин да биде слободен“.