Денеска на свеченоста по повод 25-годишнината од преземањето на караулата „Рамна нива“ од страна на припадниците на АРМ и подигнувањето на знамето на Република Македонија на државната граница, македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов рече дека Македонија е мирољубива земја, но истовремено и држава со своја сопствена армија која е подготвена по секоја цена да ги штити територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија.
Ваквата изјава на Иванов доаѓа во време кога тој тврди дека унитарноста, суверинетот и интегритетот на државата се загрозени. Според него, пост – изборната платформа на како што вели самиот тој, туѓа држава, го загрозува суверинетот на државата, кој произлегува и им припаѓа единствено на граѓаните на Република Македонија.
Претходно, во текот на денешниот ден, тиражниот албански весник „Бота сот“ објави вест дека елитната единица на албнаската армија „Кобра“ се појавиле кон границата на Македонија.
Истиот извор истакнува дека припадници на оваа специјална единица на албанската армија на социјалната мрежа Фејсбук напишале „добро утро од границата со Македонија“ и притоа истакнале и една фотографија со опис „Кобра удира прва“, напишана на албански јазик.
Весникот нагласува дека единицата „Кобра“ е една од најподготвените единици на албанската армија, која зема учество и во меѓународни мисии.