13.8 C
Skopje
Friday, October 25, 2024

Долниот дом на британскиот Парламент го усвои нацрт – законот за Брегзит

Денеска двата дома на британскиот Парламент расправаа околу финалната верзија на владиниот закон за Брегзит.

Пратениците во Долниот дом на британскиот Парламент денеска го усвоија нацрт – законот, со кој на Владата и се дава право да го активира членот 50 од Лисабонскиот договор.

Долниот дом на Парламентот ги отфрли двата амандмани на нацрт-законот, поднесени од Домот на лордовите, кој сега треба да даде конечна согласност за текстот.

Станува збор за двата амандмани на законот, со кои се предвидува давање гаранции за останување во Велика Британија на државјаните на ЕУ кои веќе живеат во земјата, како и право на вето на Парламентот на финалниот договор на Владата со ЕУ со Брисел, со што тој практично би морало да биде одобрен од Парламентот пред започнување на процесот за Брегзит.

Тереза Меј и нејзините министри се противат на амандманите, тврдејќи дека тие се „непотребни“, дека и ги „врзуваат рацете“ на Владата во текот на преговорите и дека и го „скратуваат маневарскиот простор“ на премиерката.

Законот за Брегзит ќе биде комплетно усвоен ако за него се согласат и Долниот дом и Домот на лордовите

Во текот на денешната расправа прво гласаа пратениците во Долниот дом и бидејќи тие не ги прифатија двете промени на законот, што ги усвои Горниот дом, законот одново ќе биде вратен на разгледување пред лордовите, кои ќе треба да одлучат за тоа дали уште еднаш ќе гласаат за верзијата без амандманите.

поврзани објави

Последни објави