7.8 C
Skopje
Friday, November 29, 2024

МАНУ ја дискутираше платформата на албанските политички партии

Актуелната политичка ситуација и платформата на албанските партии стана главна дискусија на денешното, 50-то Годишно собрание на Македонската академија на науките и уметнстите, откако претседателот Таки Фити соопшти што е реализирано од Академијата во 2016-та и што содржи нацрт-програмата за активности за 2017 година.

Во своето експозе Фити го повтори она на што во писмено обраќање пред неколку дена укажа Претседателството на МАНУ – за опасноста од последиците на актуелната криза, дека одговорноста е кај политичките партии и дека дебатите за клучните прашања треба да се вратат и да се одвиваат во институциите.

– Состојбата е премногу сериозна и тензична. Неопходно е сите политички субјекти во земјата да разберат дека е потребна мала искра за разгорување на внатреетнички и меѓуетнички судири, кои можат комплетно да ја дестабилизираат земјата. Оттука, е потребно, без одлагање, дебатите за клучните реформски приоритети на земјата и за комплексот прашања од меѓуетничките односи да се вратат и одвиваат во институциите на системот, рече Фити, нагласувајќи дека е особено значајно разрешувањето на прашањата што ги тангираат меѓуетничките односи кои, како што рече, во екот на кризата дополнително се политизираат и заоструваат.

Додаде дека сите предложени решенија треба да бидат во согласност со Уставот на Република Македонија и дека Академијата за секое понудено законско решение ќе се произнесе тогаш кога тоа ќе биде изнесено на јавен увид и транспарентно. – Треба брзо да се дејствува и да направиме се за мирна разрешница на кризата, повика првиот човек на Академијата.

Со напомена дека ситуацијата е премногу сериозна за Академијата како сериозна институција да не се изјаснува за неа, академик Митко Маџунков настапи со текст во кој ја отвори темата за платформата нарекувајќи ја „ултранационалистичка“, која има поддршка од ЕУ и САД и дека е рамна на уцена или ултиматум. Рече дека таа значи целосно уништување на Македонија и нејзино претворање во голема Албанија. Заклучи дека Македонија е во постојана дефанзива и прави отстапки пред сограѓаните Албанци, пред соседите и пред меѓународната заедница, спомнувајќи ја промената на Уставот во 2001 и повлекувањето на Енциклопедијата на МАНУ во 2009 година затоа што, како што рече, биле повредени чувствата на Албанците во Македонија.

Сега платформата на албанските партии стократно повеќе ги повредува чувствата на Македонците и за сега е ред на Албанците да се извинат и да ја повлечат својата платформа, а меѓународната заедница да се огради, рече Маџунков. Платформата, рече тој, содржи прашања за унитарноста и федерализицијата на Македонија поради што е нужно МАНУ уште еднаш да го потврди својот став во врска со единственоста и неделивоста на државата, како што тоа го направила во 2001 кога ја отфрлила идејата за поделба на Македонија, поради што, рече, тогашниот претседател на Академијата бил сменет.

Обидот за воведување двојазичност на целата територија води кон поништување на претежниот христијански и православен карактер на нашиот народ и кон исламизација и албанизација на нашата таковина, рече Маџунков, според кого на Македонија и се заканува редефинирање до непрепознатливост, со што би се решиле отворените прашања за името, јазикот, црквата и за самиот народ.

Неговиот говор предизвика реакции од академиците. Според Катица Ќулавкова, Академијата не треба да застанува на страна на, како што рече, манупилирани патриотски платформи.

– Се поставува прашањето за функцијата и смислата на таа платформа. Мислам дека таа е алатка за дестабилизација на државата и институциите, а не за заштита на некои права на Албанците… МАНУ не би требало да излегува со иницијатива за контраплатформа, рече Ќулавкова, која смета дека треба да се повлечат платформите од двете страни, и на албанските партии, и на оние кои бараат одбрана од неа.

Академик Луан Старова рече не се случува трагедија со македонскиот јазик ако е објавена една политичка платформа во Тирана. – Јас, којшто 40 години пишувам на албански и на македонски јазик, не чувствувам дека некој го загрозува овој јазик од страна на Албанците. Напротив, 25-30 отсто зборуваат македонски јазик од страна на Албанците…

Од излагањето на Маџунков се оградија академиците Алајдин Абази и Изет Зекири. – Вие барате ревизија на целокупната активност што беше досега афирмативна на Република Македонија. Јас за тоа имам повеќе од вас да говорам, јас сум го отворил универзитетот наменет за албански, македонски и англиски јазик. Вие денеска сте ревизор на се што е добро во меѓунационалните односи во Македонија и барате да се отфрли и да се вратиме во минатото, рече академик Абази, прв ректор на Универзитетот на ЈИЕ.

Академик Иван Катарџиев рече дека за ваква дебата е потребна организирање посебна седница на МАНУ, на која академиците ќе бидат подготвени, а не да импровизираат.

На своите колеги им предложи други приоритети на кои треба да работи Академијата – да иницира попис зашто 20 години не е спроведен во Македонија. Исто така, смета и дека заедничките проекти со Бугарската академија на науките и уметностите треба да се однесуваат на општо светски теми, а не за историјата и етнографијата, потсетувајќи на неодамнешната изјава на поранешниот бугарски претседател дека Македонија треба да се откаже од македонизмот. – Не треба да дозволиме нашите историски проблеми и нашето минато да бидат единствено теми за дебата со колегите од БАН, рече Катарџиев.

Витомир Митевски рече дека приоритетна и постојана грижа на МАНУ треба да биде јазикот и дека македонскиот јазик во својата матична земја не смее да биде загрозен од малцинските јазици во РМ.

– МАНУ има должност да го унапредува статусот на македонскиот јазик во Република Македонија на сите рамништа и во соседните земји и светот.., рече Митевски, додавајќи дека секој државен службеник треба да има положен испит за познавање на македонскиот јазик и да добие дозвола за работа, а за припадниците на малцинските заедници да биде зголемен бројот на часови на македонскиот јазик во образованието.

Академик Зузана Топлињска рече „се чувствуваме дури навредени кога некои луѓе од странство немаат доволно респект и фактографски знаења за македонскиот јазик“. – А што правиме ние сите во изминатите повеќе од 20 години за афирмација на тој јазик, рече Тополињска.

Милан Ѓурчинов смета дека платформата во овој момент е недопустливо да се лансира бидејќи, како што рече, е запаллива и може да предизвика несовладлив оган. Но, исто така, рече тој, не треба да се негира различно мислење.

Во експозето академик Фити соопшти дека во 2016 МАНУ имала 108 научно-истражувачки проекти, нејзините членови објавиле 198 научни статии, од кои 71 во списанија со импакт-фактор. Организирани биле голем број конференции и собири, а оваа година на 10 октомври со посебна програма ќе одбележи 50 години постоење, за што подготвува три изданија.

поврзани објави

Последни објави