3.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Љубовната приказна на македонскиот полицаец и бегалката од Ирак

Нура Аркавази, курдска муслиманка и православниот Боби Додевски се вљубиле набрзо откако се сретнале на калливата граница на почетокот на март.

Нура Аркавази, курдска муслиманка и православниот Боби Додевски се вљубиле набрзо откако се сретнале на калливата граница на почетокот на март, а четири месеци подоцна веќе се венчале, пренесе агенцијата „Франс прес“, пишува српски „Блиц“.

Боби се присетува на дождливиот ден кога првпат ја видел Нора на ничија земја помеѓу две држави, додека случајно бил на должност, бидејќи ја заменил смената со колегата.

 Тоа беше судбина – им рекол 35-годишниот Боби на новинарите на АФП во неговиот стан во Куманово, каде што сега среќно живее со својата млада сопруга.

Нора (20) е од Дијала, провинција во источен Ирак која го тресе насилство. Младата Ирачанка наведува дека екстремистите на Исламската држава го киднапирале татко ѝ, инжењер и дека барале илјадници долари за откуп за неговото враќање. Бегалката од Ирак и нејзините брат, сестра и родители на почетокот во 2016 година го напуштиле својот дом и тргнале на долго патување. Ја преминале границата со Турција, потоа со чамец пристигнале на грчкиот остров Лезбос, од каде што влегле во Македонија. Главна цел им била, како што наведуваат, Германија.

Нејзиното семејство го продолжило патот кон Германија, но Нора одлучила да остане во Македонија откако ја погодила Аморовата стрела.

 Имав едноставен сон да живеам со своето семејство во Германија – навела таа и додала дека не ни замислувала какво изненадување ја чека во Македонија.

Кога првпат го сретнала Боби, Нора имала висока температура и очајнички сакала да дознае дали нејзиното семејство ќе успее да ја помине границата со Србија и да го продолжи патот кон Германија. Балканските земју штотуку почнувале да ги затвораат своите граници за бегалците, па судбината на мигрантите кои тогаш поминувале низ Македонија била неизвесна.

Другите полицајци ја упатувале на Боби, бидејќи тој добро зборува англиски, а тој се погрижил таа и нејзината болна мајка да добијат медицинска помош и ќебиња.

Ми рече да не се грижам и дека сè ќе биде многу добро во мојот живот – се присетила Нора.

Боби, кој зад себе има два брака, вели дека знае дека пронашол некој посебебн.

Кога првпат ја здогледам Нора видов нешто добро во нејзините очи – наведува тој.

Наредните денови поминувале повеќе време заедно, а тој ги носел неа и нејзината мајка до локалниот пазар да купуваат храна и облека. Нора, бидејќи зборува шест јазици, почнала да помага во локалниот Црвен крст и вели дека ѝ се допаднало како високиот македонски полицаец си игра со децата на мигрантите.

Една априлска вечер, Боби ја поканил Нора во ресторан на вечера, каде што ненајдено ја запросил.

Му реков: „Не, ти мора да се шегуваш…“, но тој 10 пати повтори: „Дали сакаш да се омажиш за мене“ – им раскажала Нора на новинарите.

Нора конечно му рекла „да“, но била загрижена за тоа како нејзините родители ќе реагираат на тоа што се мажи за човек којшто не е муслиман.

Им реков дека одбрав добар човек за да го поминам животот со него, дека ќе се омажам за него и дека не сакам да се мажам за друг. Беа налутени – раскажала Нора. Не сакала многу да зборува за своето семејство, освен што рекла дека се добро и дека живеат на сигурно, во Германија.

Боби и Нора се венчале на 13 јули, на нејзиниот роденден, во Куманово, пред 120 сватови, меѓу кои биле и нејзините колеги од Црвениот крст. Нора и Боби сега живеат со трите деца на Боби од поранешните бракови. И очекуваат Нора да се породи. Никој, вели Нора, повеќе не ја гледа како бегалка.

поврзани објави

Последни објави