23.8 C
Skopje
Saturday, July 27, 2024

ИНТЕРВЈУ со Никола Србов: Дегруевизација или Десоросоизација и е потребна на Македонија

Разговараме со политичкиот аналитичар и историчар, основач на новоформираното граѓанско движење „Стоп Операција Сорос“, г. Никола Србов.

Г. Никола Србов, во изминатите две години бевме сведоци на жестока политичка битка, во која двете најголеми македонски политички партии не бираа средства да се извалкаат меѓусебно. Што после 2 и пол години криза доби Македонија од оваа битка?

Кризата во Република Македонија беше наметната, таа не произлезе од внатре, видовме дека се цели кон дестабилизација на државата, никој внатре не го посакува ова, но очигледно една од политичките партии се согласи да делува кон дестабилизација со цел да дојде на власт. СДСМ беше партијата која не бираше средства за валкањето на нивниот опонент, додека ВМРО ДПМНЕ беше во некој вид пасивна дефанзива, доколку ВМРО ДПМНЕ возвратеше со иста мера тоа ќе значеше уште подлабока криза и жесток судир во општеството. Од тука гледаме кој размислува државнички во насока да се зачува државата, а кој размислува и делува деструктивно ставајќи го на коцка опстанокот на државата. Република Македонија ништо не доби, многу изгуби, небирајќи средства СДСМ на Албанците им отвори прашања за кои ни тие самите не беа спремни да ги отворат. СДСМ учествуваше во поткопувањето на темелите на Република Македонија, нудеше федерализација на државата а денеска нејзините гласноговорници потврдуваат дека немаат ништо против овој план. Кантонизација или федерализација подразбира згаснување на Република Македонија. Со оглед на тоа од каде денеска примаме пораки, можеме да заклучиме дека СДСМ е дел од еден поширок план за дестабилизација на регионот. Жално е што ја прифати оваа игра.

Албанските политички партии во Република Македонија понудија заедничка платформа за преговори за состав на идна Влада на Република Македонија. Дали платформата е решение или продолжување на кризата?

Платформата на политичките партии во Република Македонија кои ги претставуваат етничките Албанци е резултат од ветувањата на Зоран Заев во предизборниот период. Оваа платформа може само да ја продлабочи кризата, таа цели кон меѓуетнички судир, откако Заев го создаде внатремакедонскиот судир, со што во општеството имаме поделба по повеќе основи. Како може да донесе решение барање за двојазичност во државата и создавање на бинационална држава, што всушност води кон нов договор и расчистување со рамковниот договор до кој се стигна преку војна.

Што е она што ги држи сите албански политички партии на иста страна, нешто што не функционира кај партиите од македонскиот политички блок? 

Платформата пристигна од Тирана, од Еди Рама, што е брутално мешање во внатрешните работи на една држава. Албанците ги држи заедно нивниот сон за создавање голема држава на Балканот затоа и делуваат синхронизирано, сега таргет им се Република Македонија и Црна Гора. Последните тензии помеѓу Србија и Косово водат кон пазарење за Република Македонија и Црна Гора. Доколку се влезе во некаков судир, и едната и другата страна, ќе бараат комопензација во Република Македонија. Македонците мора да бидат внимателни на кого даваат поддршка и да сфатат дека не постојат братства помеѓу народите, постојат само интереси.

Во платформата има точка која гласи: Усвојување на Резолуција во Собранието на Република Македонија со која се осудува геноцидот врз албанскиот народ во периодот 1912-1956. ДУИ е 10 години во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Зошто после 10 години молк, Ахмети бара исполнување на едно вакво чувствително прашање?

Оваа точка не само што е смешна, таа е и неизводлива, тука воопшто не станува збор зошто Ахмети не барал претходно вакво нешто, оваа точка е само декор во платформата. Внимавајте, Македонците требале да се извинат за еден период во кој Србија ја имала окупирано територијата на Република Македонија, како е возможно ние да се извинуваме за нешто што го правеле Србите или било кој друг народ? Притоа, Албанците забораваат дека токму за време на српската окупација, Македонците и Албанците имале најблиска соработка. Понатаму, како ние да се извиниме за периодот од Втората светска војна, во конкретниот случај Албанците треба да се извинуваат сами на себе, Западна Македонија, како окупациона зона, за време на војната им беше предадена на владеење на Албанците. И сега, ние треба да се извиниме на Албанците за она што си го правеле самите на себе, смешно и нелогично. И на крај, Македонците да се извинеле на Албанците за периодот до 1956 година. Во овој период тука власт беа Лазар Колишевски и Александар Ранковиќ, контрадикторно е тоа што овие две личности се идеолошки втемелени во СДСМ како наследник на СКМ. Денсека токму албанските партии, и Албанците во Република Македонија, имаат симпатии кон СДСМ, или попластично кажано, имаат симпатии кон наследниците на Колишевски и Ранковиќ. Нека си размислат што посакуваат и од кого.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски истакна дека ќе се обиде да состави Влада, но не по секоја цена. Дали средбата помеѓу Заев и Ахмети, значи дека Груевски и Ахмети не успеале да се договорат околу барањата содржани во платформата на албанските политички партии? 

Во моментов немам информации дали успеале или не успеале да се договорат ВМРО ДПМНЕ и ДУИ, но Груевски стави јасно до знање дека нема да составува Влада по секоја цена, или поточно, нема да ги прифати барањата од платформата со кои се загрозува унитарноста и уставниот поредок во Република Македонија. Груевски истакна дека и да не успее да се договори со ДУИ, ВМРО ДПМНЕ во никој случај нема да дозволи да се спроведат точките од платформата со кои се загрозува унитарноста и целовитоста на државата, со тоа Македонците можат да бидет сигурни и да знаат дека некој ги штити нивните интереси. СДСМ преку своите гласноговорници недвосмислено кажа дека за нив платформата е целосно прифатлива. Тоа е всушност резултат и на нивната кампања пред изборите и ветувањата кои ги даваа.

Едни велат потребна е дегруевизација, други пак десоросоизација. Вие сте еден од основачите на новоформираното граѓанско движење „Стоп Операција Сорос“ кое соопшти дека ќе даде свој придонес во процесот на десоросоизацијата во Република Македонија. Како ќе делува ова граѓанско движење и како ќе ја постигне целта поради која е и основано..

Граѓанското движење „Стоп Операција Сорос“ не е создадено за лов на „вештерки“ како што некои се обидоа да не претстават. Ние се залагаме за демократизација и воведување на плурализам во граѓанскиот сектор кој моментално е монополизиран од Фондацијата „Отворено општество“ која е финансирана од Сорос. Десоросоизација е всушност демократизација и ставање крај на едноумието во граѓанскиот сектор. Организациите финансирани од Сорос кои произлегуваат од овој сектор сакаат ова едноумие како принцип да го спроведат и во политиката во Република Македонија.

Дали граѓанското движење „Стоп Операција Сорос“ ќе дејствува на локално ниво, во повеќе градови низ државата? Кој е финансиерот на ова движење?

Движењето планира да делува на цела територија на Република Македонија, таа активност ќе ја водат нашите активисти кои доаѓаат од речиси сите градови на Република Македонија. Како вистинско граѓанско движење нашата активност произлегува од нашиот ентузијазам, одвоено време и самофинансирање. Немаме големи трошоци, имаме зацртана цел, се финансираме од активистите кои секојдневно ни се приклучуваат во голем број. Едноставно, не води идејата а не финансиите. Не се финансираме од странски влади или од милијардер кој шпекулира на берза, затоа и не делуваме деструктивно кон нашето општество, ние ќе допринесеме тоа да чекори напред.

Груевски или Заев. Кој ќе ги исполни барањата содржани во платформата на албанските политички партии?

Како што веќе кажав, Никола Груевски соопшти дека двојазичноста и се она што се однесува на националните прашања за него се неприфатливи. Ова го соопшти уште пред да седнат на маса со ДУИ и да преговараат за составување на Влада. Од друга страна Зоран Заев преку своите експоненти кажа дека за него платформата е прифатлива. Мислам дека одговорот е јасен.

поврзани објави

Последни објави