Прашан како можело да се дозволи ваков пропуст по однос на безбедноста на граѓаните и во рок од два месеца повторно да се случи вооружен напад во рамки на трговскиот центар, министерот рече дека нападот е дел од криминалните активности кои секојдневно се случуваат не само во Скопје, туку и во другите градови. Додаде дека полицијата постојано презема мерки за сузбивање на криминалните групи
Безбедноста по граѓаните не е загрозена. Ваква е оцената на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по вчерашниот инцидент во трговскиот центар „Ист гејт мол“ во Скопје во кој маж со огнено оружје пукаше и рани две лица во внатрешноста на објектот. Вооружениот инцидент Спасовски го оцени за изолиран случај велејќи дека граѓаните не треба да стравуваат по безбедноста кога се движат по јавен простор.
Вчерашниот напад министерот Спасовски го оцени како изолиран случај додаде „вакви изолирани инциденти се случувале и ќе се случуваат“.
Министерот посочи дека е формиран посебен штаб во Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје кој заедно со одделите за организиран криминал, криминалистичка полиција и форензика работи на прибирање на информации и докази со цел утврдување на фактите и мотивите за вчерашниот напад во „Ист гејт“.
„Се работи интензивно на утврдување на фактите, но засега не може информациите да ги споделиме со јавноста. Најдобро е сите информации да се земаат од официјалните институции, а тоа што ќе го напише некој на социјалните мрежи да не се зема со преголема сериозност. Сите докази се прибираат во рамките на истражната постапка и ќе бидете информирани за сè“,
изјави денеска министерот одговарајќи на новинарски прашања.
Прашан како можело да се дозволи ваков пропуст по однос на безбедноста на граѓаните и во рок од два месеца повторно да се случи вооружен напад во рамки на истиот трговски центар, Спасовски рече дека нападот е дел од криминалните активности кои секојдневно се случуваат не само во Скопје, туку и во другите градови. Додаде дека полицијата постојано презема мерки за сузбивање на криминалните групи.
„Сега објавивме војна, неселективна против тие криминални структури и тука нема да застанеме. Само во последниот месец имаме приведено тројца како дел од групата кои беа дел од оперативната акција ‘Планина’ и тоа говори за еден висок степен на ангажираност и за конфронтација на тие криминални групи кои 30 години некој ги создавал. Апсолутно треба да биде јасно на сите дека безбедноста на државата и градот е најважна“,
рече Спасовски.
Одговарајќи на новинарски прашања, министерот, меѓу другото, кажа дека во МВР веќе неколку пати се разговарало за носење решение или правен пропис со кој пред сè на големите трговски центри би им се наложило да преземат низа мерки за заштита на граѓаните и на самите објекти.
„Очекувам дека групата којашто е задолжена ќе даде предлог кој потоа треба да се издебатира“,
рече министерот.
Вчерашниот вооружен напад во трговскиот центар „Ист гејт“ е втор во период од два месеца. Неофицијално, како што вчера објавија дел од порталите, цел на пукањето повторно бил Раде Трајковски со прекар Штекли кон кого, исто така во „Ист гејт“, беше пукано пред два месеца.