Бугарија денеска го избира 44. парламент, а правото на глас го имаат 6,8 милиони Бугари.
На предвремените парламентарни избори во трката за место во Народното собрание учевствуваат 12 партии, 9 коалиции и 9 независни кандидати.
Гласањето започна во 7.00 часот и завршува во 20:00 часот. Изборниот ден може да биде продолжен по проценка на Централната изборна комисија, но тоа може да биде само со еден час повеќе поточно до 21:00 часот.
Вкупниот број гласачки ливчиња, кои се печатени и предадени за гласањето во земјата, е 7 508 700, а за странство е 363. 600 гласачки ливчиња.
Последните анкети на јавното мислење укажуваат дека ГЕРБ може да се надева на меѓу 26,6 и 31,7 отсто од гласовите, додека коалицијата на БСП ужива поддршка на меѓу 26,5 и 29,1 проценти од бугарските гласачи.
Покрај овие две листи, места во бугарскиот Парламент се очекува со сигурност да обезбедат и националистичката коалиција Обединети патриоти (ОП), која ужива меѓу 8,9 и 12,3 отсто доверба, партијата на бугарските Турци, Движење за права и слободи (ДПС) со поддршка меѓу 8,4 и 11,1 проценти и новоформираната партија Волја, за која би гласале меѓу 6,8 и 9,6 отсто од избирачите.
Во идниот состав на Народното собрание шанси да освојат пратенички места имаат и конзервативната коалиција Реформски блок (РБ), социјалдемократската партија Алтернатива за бугарска преродба (АБВ) и блокот „Да, Бугарија“.
Аналитичарите во Софија проценуваат дека идниот бугарски премиер треба да се бара меѓу докажаниот европеец Борисов и Нинова, која важи за блиска до Москва.
Борисов, кој е поранешен телохранител, пожарникар, полицаец и градоначалник на Софија, ветува забрзан економски раст и борба против корупцијата, доколку граѓаните му доверат трет мандат, иако и самиот често се соочува за обвинувања за корумпираност и врски со организираниот криминал.
Нинова, од друга страна, најавува дека Бугарија ќе го искористи своето право на вето во ЕУ доколку Брисел се обиде да воведе дополнителни санкции кон Москва, кои, според социјалистите, им нанесуваат огромни штети на бугарската економија.