Разговараме со портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева
ПОГЛЕД: Хаосот околу ултимативното менување на личните документи во Македонија продолжува. Додека министрите на СДСМ отстапуваат место во техничката Влада за министрите на опозицијата, повеќечасовното чекање во редици, нервозите и понижувањата на граѓаните кои сакаат да ги сменат своите лични документи останаа.
Митева: Институциите се комплетно уништени овие 7 години власт на СДС и ДУИ. Ова што го гледаме сите со овој хаос во однос на нефункионирањето на министерството и управните служби комплетно ја отсликува реалноста која ја живееме. Со цел надминување на ваквите состојби, ВМРО-ДПМНЕ одлучи да поднесе иницијатива до Уставниот суд и очекуваме да донесат соодветна одлука за времена мерка за патните исправи. Дополнително, ние мора да бараме олеснување на процесот во интерес на граѓаните. Имајќи ги во предвид капацитетот и процедурите, дури и се да оди во согласност со роковите, ќе ни бидат потребни две години од сега за комплетно реализирање на обврските. Во однос на истото, се поставува прашањето зошто пред година и половина се издаваа патни исправи без да биде почитуван законот, па сега тие граѓани повторно се подложни на обврска да ги менуваат. Која беше причината поради тоа, намерна со цел да создадат ваков хаос или ненамерна која е еквивалентна на нивната неспособност?
ПОГЛЕД: Зошто според Вас власта остави крајно лоша ситуација и дали можеби може да очекуваме дека токму СДСМ во наредните 100 денови ќе го критикува идниот министер за внатрешни работи за хаосот кој токму тие го создадоа?
Митева: Сосема очекувано е во идниот период токму СДС и ДУИ да бидат првите критичари за овој проблем. Но, најпрво граѓаните треба да знаат дека овој горлив проблем го креираа токму СДС и ДУИ. Македонските граѓани во нехумани услови, на минусни температури, чекаат со саати за лични документи заради обврска која пред се ја создаде оваа влада. Дополнително, тие знаеа кои се обврските во однос на роковите за промена на личните документи и тука сосема легитимно се поставува прашањето што правеа до сега и зошто не успеаа навремено да го менаџираат процесот. За нас ова е веќе видена состојба, да потсетиме како Оливер Спасовски во 2020 година пред техничката влада тогаш направи и остави огромен хаос во Министерството за внатрешни работи. Прв проблем со кој се соочивме тогаш беше немањето на обрасци за пасоши и тој проблем беше голем, но со добро менаџирање успеавме и тогаш да го решиме. Чудна коинциденција или не е тоа што после четири месеци, речиси истиот месец во очи на парламентарните избори и на нова техничка влада се случува истиот проблем.
ПОГЛЕД: Се соопштија имињата на техничките министри од ВМРО-ДПМНЕ во техничката Влада која веќе е во функција. Меѓу нив интересно е името на министерот за внатрешни работи Панчо Тошковски, кој во јавноста важи за угледен интелектуалец и адвокат. На што се должи овој избор на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и што очекувате да се случува токму во овој ресор во наредните 100 денови? Дали можеби ќе се откријат афери кои досега не биле откриени, дали ќе се расветлат истраги кои не биле до крај завршени?
Митева: 5те кадровски решенија на ВМРО-ДПМНЕ во техничката влада се исклучителни професионалци, луѓе чија основна цел во следните 100 дена ќе биде да обезебедат фер и демократски избори. Најважно од се во овој период е да покажеме дека не се сите исти, дека може многу подобро да се работи и да се развива Македонија. Граѓаните со право имаат големи очекувања, затоа што надежта за промени е голема. Но, потребно е да сме искрени и да кажеме дека овие 100 дена техничка влада ќе бидат тешки и со многу предизвици, но должноста на министрите и замениците министри е да покажат разлика и да ги спречат малверзациите кои ги планира власта. СДС и ДУИ се свесни дека ги чека пораз на идните избори и за таа цел ќе се обидат со најдолните методи да го намалат поразот, но затоа овие луѓе ќе дадат се од себе да го спречат тоа, да имаме кредибилни избори и да се почитува волјата на народот.
ПОГЛЕД: Колку пратеници реално очекувате да имате, а колку според Вас ќе има СДСМ?
Митева: Прва цел на ВМРО-ДПМНЕ е да ги консолидира сите антивладини гласови со цел да освоиме 61 пратеник. Во Македонија никогаш не било полошо, државата ја губиме, економски сме на дното, иселувањето од ден на ден е се поголемо. Со голема и силна победа реформите и промените ќе бидат сигурни, во Македонија не смее повеќе да има политика базирана на лични преговори, потребен ни е рестарт. Поразот на СДС ќе биде историски најголем, во тоа сум сигурна!
ПОГЛЕД: Ковачевски во своето последно интервју за Канал 5 вели дека ниту тој, ниту пак водителот кој ја води емисијата се бугаризирани. Според него, ова е само техничка работа – влез на бугари во Устав со цел да продолжи процесот на преговори со ЕУ. Кој е планот на ВМРО-ДПМНЕ доколку под претпоставка формира Влада? Како ќе продолжиме на патот кон ЕУ, ако се земат предвид изјавите на претставниците од ЕУ, дека немаме друг избор односно опција за да одиме напред, освен прифаќање на оваа рамка, со внесување на бугарите во Уставот?
Митева: Европската перспектива на Македонија не смее да бидат криминалот и корупцијата. ВМРО-ДПМНЕ не гледа ништо европско во криминалот на СДС и ДУИ, ништо европско во нападот врз контролорите за летање во М-НАВ, ништо европско во новиот закон за игрите на среќа, ништо европско во прославите во кабинетите на министерствата и многу други неевропски потези. За ВМРО-ДПМНЕ најважно е Македонија да биде држава во која вистински се негуваат европските вредности, држава во која има владеење на правото, држава во која се почитуваат европските принципи на чесно раководење. Патот на Македонија кон Европската Унија така ќе биде вистински и достоинствен.
За ВМРО-ДПМНЕ, Европската Унија значи интеграција и идентитет!
ПОГЛЕД: Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ си остана на својот став дека нема да прифати уставни измени под овие услови и покрај изјавите на претставниците на власта дека уставни измени ќе има. На овој начин ВМРО-ДПМНЕ извојува победа и остана сплотена за разлика од претходно. На што се должи ова според Вас?
Митева: Наративот на СДС и ДУИ дека уставните измени ќе се случат беа само бледа реторика која имаше за цел да направи раздор. Напротив, сведочевме на сосема спротивното – токму претставници на владејачкото мнозинство не ја изгласаа потребата за промена на Уставот на Република Македонија. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ останаа на ставот кој го имаше уште од самиот почеток, дека вакви уставни измени под бугарски диктат нема да се прифатат. Попустливата политика на власта беше главна причина зошто Македонија се најде во ваква ситуација. Време е да се спротивставиме на националните предавства кои и се случуваат на Македонија поради политичари кои пред колективниот, го гледаат индивидуалниот, личниот интерес.