Силјановска Давкова порача: Во време на власт на СДСМ Македонија стана држава на социјални случаи- да и ја вратиме гордоста!
Во рамките на кампањата за Претседател на Република Македонија на кандидатката Проф. Д-р. Гордана Силјановска- Давкова се одржа митинг во Ѓорче Петров.
Во својот говор Професорката Силјановска Давкова порача:
Во време на власт на СДСМ Македонија стана држава на социјални случаи – да и ја вратиме гордоста! Македонија според Уставот е демократска, самостојна, независна и социјална држава! Во време на социјалдемократска власт, Македонија станува држава на социјални случаи! Секој ден се зголемува бројот на сиромашните луѓе. Дури и луѓе со знаење, со дипломи, луѓе кои би требало да бидат горда интелигенција, паѓаат на дното. А на врвот неколку семјества! На врвот неколку стотина луѓе кои не знаат што да прават со себе! Мора час поскоро да сториме нешто, вие сте тие кои можат тоа да го сторат! Доаѓа времето на отчетот, иако не гледам отчет од сегашниот претседател. Времето на изборите е време на соочување со народот! Тој го дава легитимитетот, тој го враќа легитимитетот, тој го зема легитимитетот! Суверенитетот исто така. Луѓе кои не ги застапуваат граѓаните, луѓе кои надвор не ги бранат националните и државните интереси, не можат да не прават нас ниту достоинствени ниту горди. А верувам дека и Македонија е свесна за тоа и страда и самата сака да си заминат овие луѓе кои ја срамат и да дојдат други со кои ќе се гордее! Други кои ќе останат запишани дека сториле нешто кога и било најтешко! Тогаш кога сите сме мислеле дека 80 години потоа ова ќе биде цветна европска градина, ама во трње живееме, вели Силјановска – Давкова.
Таа додава дека е срамота Македонија да не биде социјална држава во времето на социјалдемократи на власт и срамота е социјалдемократите да бидат најбогати во оваа држава! Со право некогаш ги споредуваме со најразлични калифи, султани, со кралеви.