Во затворот Идризово се внесува се и сешто. Утрово повторно при голема рација пронајдени низа недозволени предмети кај затворениците. Обвинителството влезе со засилено присуство на специјалната полиција за да обезбедат докази но за што точно се работи не откриваат.
Дали станува збор за оружје или дрога директорот не открива, вели деталите ќе ги соопшти обвинителството. По информациите дека наводно се спремала „војна“ помеѓу две поголеми криминални групи кои издржуваат казна, директорот за Сител изјави дека надвор можеби имало такво нешто но во затворот не. Тој негира дека било каков инцидент се случил во затворот пред претресот.
Од МВР официјално соопштија дека обвинителството од нив побарале да асистираат при претрес на повеќе простории.
Пред два месеци надлежните фатија професионален војник како доставува телефони на затвореници додека бил на стража во затворот.
Во затворот Идризово ова не е прв пат да се пребаруваат ќелии и до сега повеќепати се пронајдени остри предмети, дрога, мобилни телефони и други недозволени работи кои стигнале до затворениците. И по една година нема разрешница за тоа како затворениците успеале да ископаат 40 метарски тунел за бегство. Беа суспендирани неколкумина вработени, но до сега нема детали кој се бил вклучен во планот за бегство. Во копањето учествувале 8 осуденици со доживотни казни затвор.