Во реакција на изјавата на Мицкоски, од Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска оценија дека ВМРО-ДПМНЕ и партискиот лидер со лажни вести и дезинформации почнале да оцрнуваат сè што е албанско. Оценија оти неговата реторика е агенда на Москва и рускиот претседател Владимир Путин со цел дестабилизација на земјата и регионот
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска одговарајќи на новинарски прашања изјави дека лице блиско до лидерот на ДУИ, Али Ахмети, контролира вооружена група што се движи низ скопски Чаир и Бутел.
Мицкоски не откри за кого и за што точно станува збор, но рече оти јавноста набрзо ќе дознае.
„Точно знае Али Ахмети што зборувам и точно знае тој негов соработник што уживаше привилегии во луксузен хотел во претседателскиот апартман во Истанбул, бидејќи тој ја координира таа група што се движи на територијата на Бутел и Чаир, а и ги знаеме лицата и точно знаеме што прават, а набрзо ќе дознае и јавноста“,
рече Мицкоски.
На новинарско прашање дали за ваквите сознанија го информирал и побарал да постапува Министерството за внатрешни работи – ресор што во техничката влада го води кадар на ВМРО-ДПМНЕ – Мицкоски не одговори. Рече дека кажал сè што имал да каже и новинарите ги упати да бараат одговори директно од МВР.
„Дали МВР ќе постапува или не и какви сознанија има, ќе се обратите таму“, одговори кусо Мицкоски.
Во реакција на изјавата на Мицкоски, од Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска оценија дека ВМРО-ДПМНЕ и партискиот лидер со лажни вести и дезинформации почнале да оцрнуваат сè што е албанско.
„Мицкоски во стилот на лажни вести и заслепен од желбата за власт ја обвинува ДУИ и Али Ахмети дека организирале вооружена група некаде во Чаир и Бутел. ДУИ и ‘Европскиот фронт’ изразуваат длабока загриженост за подбуцнувачкиот вокабулар на меѓуетничка омраза на Мицкоски една недела пред 8 мај, денот кога ‘Европскиот фронт’ ќе ја одбележи својата длабока победа“,
велат од ДУИ во писмената реакција.
Од партијата на Ахмети оценија оти стравувајќи од изборниот резултат на 8 мај, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ намерно ги згрозува меѓуетничките односи предизвикувајќи страв од дестабилизација, која, како што додаваат од ДУИ, е желба и главна цел на проруските центри во Северна Македонија.
„ДУИ и ‘Европскиот фронт’ ги повикуваат граѓаните, без разлика на етничката припадност, да не станат плен на измислици и поттикнување меѓуетничка омраза, бидејќи вокабуларот како оној на Мицкоски е агенда на Москва и Путин, кои сакаат да ја дестабилизираат Северна Македонија посебно, а и регионот во целина“,
додаваат од ДУИ.