21.8 C
Skopje
Tuesday, July 23, 2024

Мицкоски: Една од првите мерки во првите 100 дена од новата влада ќе биде намалувањето на даноците на профит

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на стартот на новата инвестиција на компанијата Киел во Тетово. Истакна дека, во едни вакви тешки времиња, одлуката за инвестирање во земјава, не само што е мудра, туку е и смела.

-И во таа смисла јас како човек кој за скоро очекувам да ја добијам парламентарната поддршка за водење на идната влада имам изразена намера да придонесам и активно поддржам секаков процес кој ќе значи нови работни места, повеќе пари во македонската економиjа, успешни бизнис приказни кои ќе ја потврдат мојата искрена намера преку инвестиции, преку развој и технолошки прогрес да ја враќаме државата на народот, контролата во негови раце и да создаваме среќна иднина за сите.

Целосно сум свесен за предизвиците кои престојат и реформите кои мора да се преземат.

Корупцијата и борбата против криминалот ќе биде нашиот примат и секој инвеститор мора да биде стопроцентно уверен дека државата ја гарантира заштитата од неморални и коруптивни притисоци и настојувања, истакна Мицкоски.

Посочи дека никој не смее да биде над законот, исто како што никој не смее да помисли да ја одземе иднината и работите кои ја создаваат иднината.

Мицкоски потенцираше дека новата влада ќе биде партнер на стопанствениците, заедно да создаваат и да придонесуваат за подобар живот.

-Јас сум за што повеќе инвестиции кои го зголемуваат животниот стандард, а ова е борбата за подобар живот на сите граѓани. Македонија се сака со дела и тоа е најдобриот одговор за сите кои во политиката прават етнички поделби, креваат ѕидови и создаваат омраза. Да имаме натпревар на идеи, наместо натпревар во шовинизам и радикализам. Со работа, со решенија и креирање конкретни работи се сакаат и се бори за благосостојбата на Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците и сите останати. Една од првите мерки во првите 100 дена од новата влада ќе биде намалувањето на даноците на профит. На тој начин ќе се помогне на бизнисот и ќе се обезбедат повеќе пари во економијата, посочи Мицкоски.

Мандатарот нагласи и дека ќе има кратење на административните процедури и отстранување на бариерите кои го попречуваат бизнисот.

поврзани објави

Последни објави