„Во претходниот период претходната директорка на УЈП донела одлука и акти што се незаконски и поради кои сега внатре имаме хаос во организирањето на некои работни процеси и сме соочени со исправање на последиците. Незаконитоста и формално-правните неправилности ги констатираат и Државната комисија за спречување на корупцијата и Државниот инспекторат за труд“, вели директорката на УЈП
Во моментов сум соочена и треба да извршам наредба на Државниот инспекторат за труд со која ми се наложува поништување на одлуката со која претходната директорка на Управата за јавни приходи (УЈП) во февруари ги откажала договорите за вработување на сите вработени, а воедно им наредила да продолжат работат до склучување нови договори според новите интерни правилници. Ова денеска на прес-конференција го соопшти Елена Петрова, директорката на УЈП, обвинувајќи ја својата претходничка Сања Лукаревска за носење незаконски одлука и акти, за што смета дека сега направиле хаос во работењето на институција. Петрова денеска ја презентира, како што рече, загрижувачка кризна состојба што ја наследила во институцијата со нејзиното доаѓање на позицијата директор, а која се однесува на правата од работен однос на вработените и начинот на организација на работењето во УЈП.
Елена Петрова, директрока на УЈП / Фото: Принтскрин
„Во претходниот период претходната директорка на УЈП донела одлука и акти што се незаконски и поради кои сега внатре имаме хаос во организирањето на некои работни процеси и сме соочени со исправање на последиците. Незаконитоста и формално правните неправилности ги констатираат и Државната комисија за спречување на корупцијата и Државниот инспекторат за труд“,
вели таа.
Според неа, поништувањето на одлуката сега значи и поништување на сите нејзини правни последици, односно тоа значи дека ќе се поништат договорите со вработените склучени по распишување на изборите, што вели дека има свое влијание врз платите исплатени на определени вработени кои добиле повисока плата со промена на нивниот статус.
„Најмногу засегнатите, вработените во УЈП, сега се изложени на трпење на последици од одлуката на претходната директорка на УЈП. Но вработените се најмалку виновни за настанатата криза. Затоа со соработка преку синдикатите се обидуваме заеднички да најдеме решение кое ќе има најмалку последици врз кој било вработен во УЈП“,
рече Петрова.
Посочи дека процесите на поништување на старите и склучување нови договори со сите вработени во УЈП се одвивале во тек на изборниот процес. Оваа настаната ситуација можела и да се избегне, според Петрова, доколку сите овие секако задоцнети процеси се спроведувале во законскиот рок.
„Согласно измените на Законот за УЈП, овие акти во УЈП требало да бидат донесени во законскиот рок до 3 ноември 2023 година, а се донесени со задоцнување на 9 февруари оваа година во пресрет на изборниот период. Согласноста од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) за овие правилници била издадена врз основа на своевидна манипулација и вметнување работни места во правилниците за кои немало намера да бидат пополнети и не се пополнети. Согласноста е издадена истиот ден кога министерот кој ја потпишал бил разрешен, што е морален и политички хазард. Ова фрла црна дамка врз целиот процес“,
вели директорката на УЈП.
Владеењето на правото и спроведувањето на законите е врвен императив во постапувањето на државните органи, вели Петрова и смета дека процесите треба да се спроведуваат внимателно, а одлуките да обезбедуваат законити, трајни и одржливи решенија.
Потенцира дека целиот процес на усогласување на сите вработените во УЈП со статус и плата ја изгуби својата смисла и добра намера токму поради лошото менаџирање, ненавремено постапување, надвор од законските рокови, а потоа и непромислено постапување, проследено со формално правни неправилности и незаконитости