Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на пратенички прашања рече дека состојбата со Буџетот која што ја наследила новата власт била алармантна.
– Само за редовна исплата на пензии, недостасуваа 5 милијарди денари во Буџетот. Но, не било заборавено да бидат исплатени авансите за проектите кои што никогаш не тргнале. Еве на пример не било заборавено да се исплатат речиси 300 милиони евра за еден клучен проект, кој што требаше оваа Влада да дојде, да ги откочи сите проекти, и да може денес тој проект да се движи и тоа се гледа на лице место. Тоа е проектот кој што ќе ги поврзува Гостивар со селото Букојчани и Прилеп со Битола – истакна тој.
Премиерот го повика јавниот обвинител да види кој е подизведувач на делницата од Гостивар до Букојчани.
– Јавниот обвинител треба да види и дали тој подизведувач е сопственик на позната куќа која што цела Македонија ја знае во едно рурално место од Западна Македонија, во близина на Тетово. И дали на тој подизведувач му е одземена лиценцата поради тоа што му се урна мостот бидејќи тој „случајно“ бил подизведувач и на еден друг проект на пругата кој што е дел од Коридорот 8. Му се урна мостот – истакна премиерот.
Тој додаде дека со ребаланс на Буџетот, Владата обезбедила и 1 милијарда денари за К15 на вработените во администрацијата.
Не ја предвиделе во Буџетот, со ребалансот ние и тие пари ги обезбедивме. Една милијарда денари сега во декември ќе се исплатат на повеќе од 83.000 вработени во јавната администрација – додаде Мицкоски.
Премиерот нагласи дека претходната Влада на СДСМ и ДУИ закочила половина милијарда евра пари обезбедени од ЕИБ за комунални проекти во општините, бидејќи поголем број од градоначалниците биле од ВМРО-ДПМНЕ.
– Оваа Влада обезбеди речиси 500 милиони евра инвестиции во сите општини во цела Македонија без разлика дали градоначалникот е од ДУИ, СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ, независен, од Вреди, значи не се бираше. А знаете што правела претходната Влада? 50 милиони евра одобрени од Европска инвестициска банка за проекти за комунална инфраструктура, водоводи и канализации стоеле затоа што најголем дел од градоначалниците биле од опозицијата во тоа време. Е дојде сега овој министер Изет Меџити, го одглави процесот без разлика што ќе има корисници од различни политички партии, тоа е за граѓаните. Пола милијарда евра за граѓаните – рече Мицкоски.
Тој потсети дека на оние општини кои што немале подготвено проектна документација им бил даден дополнителен рок до 15 ноември. Ќе има проекти и во Липково, и во Желино и во Тетово, Штип, Струмица, и во Струга, и во Делчево и во Пробиштип, и во Врапчиште и во Боговиње.
Премиерот Мицкоски додаде дека јавниот обвинител треба да го истражи и работењето во РЕК Битола, бидејќи како што рече таму долгот е 5 милијарди денари.
– Немаше предвидено за плати во неколку јавни претпријатија и во институции. Но, бидејќи го спомнавте РЕК Битола, 5 милијарди денари е долгот. И еве повторно го повикувам Јавниот обвинител ако не е анксиозен, со повисока температура, со грчеви во стомакот и цревата да влезат во компанијата и да истражат како инстант компании од рурални места во Западна Македонија преку ноќ стануваат милионери. Еве јас ќе им ги дадам адресите, име и презиме од сопствениците на тие компании – рече премиерот.