-0.2 C
Skopje
Monday, January 20, 2025

Мицкоски во Вашингтон СО ПОЛИТИЧКИОТ „КРЕМ ДЕ ЛА КРЕМ“

Набиена агенда со бројни средби со претставници на идната американска администрација ќе има македонскиот премиер Христијан Мицкоски, како и присуство на многу формални, но и неформални активности кои се составен дел од процесот на инаугурација на новиот американски претседател Доналд Трамп на 20-ти јануари, на свеченоста насловена „Гласови на слободата“, пишува Дојче Веле.

Според владини извори, очекувањата се дека за време на престојот македонскиот премиер ќе одржи повеќе билатерални средби – со Хауард Лутник, копретседавач на тимот за транзиција на претседателот Доналд Трамп и иден министер за трговија, Девин Нунес, номиниран за претседавач со советодавното тело за разузнавање на претседателот Доналд Трамп и извршен директор на „Trump Media & Technology Group”, извршниот директор на Рамбл (Rumble), Крис Павловски, Линда Мекмахон, предложена за министерка за образование, Каш Пател предложен за директор на ФБИ, идниот амбасадор на САД во НАТО, Мет Витакер, Себастијан Горка, предложен за асистент на претседателот Трамп и виш директор за контратероризам, како и со сенатори и конгресмени.

„За време на посетата ќе се афирмираат македонските позиции и интереси во поглед на надворешната политика и европската интеграција на земјата, како и соработката со САД на повеќе значајни полиња. Ова е прва ваква можност во историјата на самостојна Македонија, премиерот на Владата на вака високо ниво во американската политика да оствари контакти значајни за државата“, велат владини извори.

Се разбира, можностите за средби и контакти се уште поголеми ако се има предвид дел од листата на присутни на самата свеченост – Ричард Гренел, номиниран пратеник за специјални мисии на претседателот на САД, координаторот на Групата на конгресмени на Републиканците во Конгресот, Том Емер, идниот државен секретар Марко Рубио, Илон Маск, прв човек на Тесла – корпорацијата, кој е номиниран за шеф на Министерството за владина ефикасност, повеќе од 30 сенатори и конгресмени, како и непосредните соработници на новиот американски претседател.

Премиерот Мицкоски посетата на САД на 18-ти јануари ја најави на почетокот на годината во интервју за МИА.

Дел од функционерите во идната администрација на САД, во јули минатата година како бизнисмени беа гости на владиниот врв. Еден од нив беше Хауард Лутник, основачот и извршен директор на една од водечките финансиски корпорации во САД – „Кантор Фицџералд“ (Cantor Fitzgerald). Тој стана копретседавач на транзицискиот тим на Трамп, а потоа и номиниран за државен секретар за трговија. Владин гостин лани во јули беше и Девин Нунес, потоа номиниран за претседавач со претседателскиот Консултативен совет за разузнавање, а кој истовремено ќе продолжи да раководи како извршен директор со „Trump Media & Technology Group”. Претходно Мицкоски во два наврата имаше средба и со Ричард Гренел, поранешниот шеф на Националната разузнавачка служба, номиниран за претседателски пратеник за специјални мисии.

„Како држава имаме историска стартна позиција со една администрацијата во доаѓање – но умешноста е да знаете да го привлечете вниманието, за да се добие тој заслужен фокус што ние како држава, но и како еден поширок регион го заслужуваме од новата ассминстрација во доаѓање“, рече министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, кој ќе го придружува премиерот во Вашингтон.

поврзани објави

Последни објави