1.8 C
Skopje
Monday, March 3, 2025

Јаневска за “Поглед”: Конечно образованието е врвен приоритет за една Влада, со најголем буџет досега ќе се унапредуваат сите образовни сегменти

ПОГЛЕД: Почитувана министерке Јаневска, Студентскиот дом „Стив Наумов“ долг период беше симбол на негрижа и заборав, место каде студентите, наместо достојни услови за живот и студии, беа принудени да се справуваат со влага, искршени прозорци и нефункционални тоалети од кои, поради несоодветната инфраструктура, никнуваа печурки како да се наоѓаат во природа, а не во објект кој треба да биде дом на идните академски граѓани на Македонија.
Во минатото, политичките опоненти на вашата партија, СДСМ, во бројни кампањи и јавни настапи ја потенцираа потребата од изградба на студентски град во Скопје, реконструкција на сите студентски домови низ државата и создавање современи, европски услови за студентите. Особено гласен во тоа беше млад политичар од нивните редови, кој во своето време го привлече вниманието на јавноста со фотографии од ужасните услови во „Стив Наумов“ и јавно ги осудуваше недостатоците. Сепак, од 2015 година до денес, овие ветувања останаа само празни зборови, без реализација.

Имајќи го ова предвид, дали вашето министерство има конкретен, транспарентен и временски утврден план за конечно решавање на проблемите на студентите, кои со години беа запоставени и заборавени? Дали планирате да ја исправите оваа неправда и да создадете услови достојни за европска Македонија, или студентите повторно ќе бидат сведоци на истата приказна – ветувања без дела, чекајќи го крајот на мандатите за било каква акција?

Одговор: Токму заради лажните ветувања, несериозноста во работењето и огромните штети кои и’ ги нанесоа на Македонија и народот кој живее тука, а особено на младите, СДСМ и нивните коалициски партнери од седумгодишното владеење се сега во опозиција. Изневерија неколку студентски генерации, но дојде моментот кога студентите повеќе не дозволуваат да бидат манипулирани.

Нема ништо од ветувањата за изградба на цели студентски градови. Нема реконструирани домови. Напротив, успеале и постојните да ги пропаднат, да ги остават во долгови и криминал, со кој сега ние како нова Влада се справуваме. Но, ќе се справиме. Затоа што нам, младите навистина ни се приоритет. Свесни сме дека без младина, нема иднина. А таа младина мора да биде задоволна од грижата на државата, за да остане тука и да возврати.
Од оваа година започнуваме со етапен и значителен раст на буџетот наменет за студентите. Обезбедивме 6 милиони евра повеќе од лани. Започнавме реконструкција на два студентски дома, едниот е тој што го посочувате во прашањето – Стив Наумов во Автокоманда. До крајот на годината, или почетокот на следната ќе блесне во нова енергетски ефикасна фасада, комплетно нова внатрешност, инсталации, мебел и опрема. Кузман ќе биде реновиран за нешто пократко време. По овие два, ќе продолжиме и со останатите. Не ветуваме изградба на нови домови, не е толкава потребата. Но, бидете сигурни дека до крајот на мандатот, постојните домови ќе понудат модерни услови за сместување и престој. Во моментов имаме буџет од околу 25 милиони евра, но ќе бидат потребни веројатно уште толку. Ќе ги обезбедиме, имаме кредибилитет да побараме поддршка од меѓународните партнери.
Секако, грижата за студентите не е само реновирањето на домовите. Обезбедуваме повеќе и поголеми права за нив. На пример, годинава ќе се зголеми износот на субвенционираниот студентски оброк. Минатата година пак, излеговме во пресрет на повеќе нивни барања. Ги олеснивме условите за аплицирање за одредени категории на стипендии за додипломски студии. Овозможивме студенти со 180 ЕКТС да аплицираат за стипендии за постдипломски студии во државата. Бруцошите добија субвенциониран оброк во месец октомври, што порано не беше така. Ги вклучивме во креирањето на нови закони за високо образование и за студентски стандард. Имаме добра соработка и ќе настојуваме да ја одржиме.

ПОГЛЕД: Г-ѓо Јаневска многу експерименти наназад се направени во македонското образованиес со назнака дека станува збор за реформи кои ќе донесат квалитет и европски стандарди, но се уште сме далеку од тие посакувани цели. Некои од тие промовирани модели предизвикаа и катастрофални последици како што беше таканаречената концепција на Мила Царовска која не доби поддршка ниту од родителите, ниту од стручната фела. Како се справувате со сите тие последици?

Одговор: Ги исправаме сите работи кои можат да се поправат, а за кои ни сугерираа првенствено наставниците, но и учениците и родителите. Тие се најдобриот коректор, први и директно во пракса забележуваат кога нешто не чини, не функционира. Па така, меѓу првите одлуки кои ги донесов кога дојдов во министерството, беше стопирање на Концепцијата за основно образование во седмо одделение, затоа што предвиде спојување на предмети како историја, географија и граѓанско образование. Тоа не само што ќе го отежнеше предавањето на материјата и ќе создадеше конфузност, туку првенствено значи обезвреднување овие предметите како одделни дисциплини.
Сега работиме на нови наставни програми и важно е што ги вклучуваме наставниците во нивното креирање. Тоа е клуч за успехот на секоја реформа, да ги вклучите оние што се засегнати, да го почитувате нивното мислење. Ние така почнавме и така ќе продолжиме да работиме, транспарентно и заедно со сите засегнати чинители да го обликуваме образованието.

Нечесно е да кажам дека сé од тој документ не чинеше. Концепцијата има и добри работи, кои ние продолживме да ги спроведуваме, како на пример продолжен престој во училиште за основците што е важно, имајќи предвид дека тие имаат 900 часови помалку од нивните европски врсници. Понатаму, овозможената изборност на предметите и повеќе воннаставни активности и слично. Можам да кажам дека ова е прва Влада која не укина некоја реформа од претходна Влада во целост, туку обезбеди континуитет на добрите работи воведени од претходните министри.

ПОГЛЕД: Има ли македонското образование план и стратегија што ќе донесе квалитет, а не срамни резултати на меѓународните тестирања, чест на исклучоците?

Одговор: Има. Уште додека мојата партија беше во опозиција, преку Комисијата за образование и наука со која јас раководам, во комуникација со многу чинители ги детектиравме сите предизвици кои го кочат напредокот на националниот образовен систем и сега од позиција на Влада, интервентно направивме повеќе промени, а истовремено работиме и ќе работиме на подготовка на долгорочни стратешки документи за кои сакаме да постигнеме политички консензус. Целта е да не може ниту една следна владина гарнитура да прави било какви отстапки и да воведува „свои реформи“. Мора да имаме само еден правец. Ќе понудиме декларација за образование во Собранието. Мислам дека е крајно време ова да се направи. Има волја кај политичките субјекти, затоа што сите сфаќаме колку сме назад и срамно е постојано да сме во најдолниот дел на ранг листите на ПИСА и ТИМСС. Во меѓувреме, оваа година ќе изработиме и нова Национална стратегија за образование со важност од 2026 година, а ќе ја измериме ефективноста на актуелната чија имплементација завршува во декември. Дел од целите на новата стратегија ќе бидат воведување на едносменска настава во училиштата, продолжен престој за децата, фокус кон дигитализација, дигитална писменост, нови предмети поврзани со вештачка интелигеција и зелени вештини, ноци наставни програми и учебници, подобра инфраструктура.

ПОГЛЕД: Предизвиците со Тикток постојано предизвикуваат бура од реакции и барања за забрана од родителите, опасни се, бизарни, но брзо се шират меѓу учениците. Вие неодамна изјавивте дека забраната на Тик ток не е решение, туку дека треба повеќе да се работи со учениците. Има ли некаков конкретен план како да се подучат учениците дека тоа што го гледаат на социјалните мрежи не е само игра?

Одговор: Со младите мора постојано да се разговара и да се потсетуваат за последиците од прифаќање опасни игри, кои некогаш можат да бидат и фатални. Имаше неколку такви случаи изминатите месеци, во еден има и загуба на млад живот. Не е решение забраната на Тик Ток во училиштата. Па децата овие мрежи ги користат и после училиштето, додека се дома, во маало и така натаму. Свеста за ризиците може да се подигне само ако сите ние, целото општество им дадеме поддршка на младите. Наставниците и без насоки од МОН, знаат што треба да прават, сепак се педагози. Но нивниот труд, без поголема вклученост на родителите ќе биде залуден. Затоа ајде сите заедно да ги натераме младите да се вклучуваат исклучиво во образовни предизвици, во натпревари по знаење и спортски натпревари.

ПОГЛЕД:  Некои општини како Центар, Пехчево, забранија да се употребуваат мобилни телефони за време на наставата, но дали и МОН планира на ниво на држава да воведе забрана за мобилни телефони во училиштата?

Одговор: Наместо забрана за користење мобилни телефони, треба да работиме повеќе на јакнење на авторитетот на наставниците. Ќе ви кажам зошто. Вообичаено кога нешто е забрането, многумина ќе се потрудат и ќе бараат начини да го надмудрат системот и да покажат дека сепак може да се заобиколи забраната. Ова е вкоренето во менталитетот на многу луѓе и потврдено во многу ситуации досега. Од друга страна, наставата ја планираат и водат наставниците. Тие знаат според наставниот план и програма, кога треба, а кога не треба да се користат мобилни или било какви електронски уреди на часовите. И секој од нив, со доволно голем авторитет, може да ја контролира примената на ИТ уреди само за наставни цели, односно да спречува злоупотреби.

ПОГЛЕД: Иселувањето е еден од најгорливите проблеми со кои се соочуваме, имате ли податоци колку деца се отпишале од училиште, сега на прагот на второто полугодие?

Одговор: За 17 илјади е намален бројот на ученици во изминатите 7 години. Тоа е резултат на катастрофалните политики на претходната Влада, големите штети по државата и големото незадоволство кое настана меѓу граѓаните. Заминуваа цели семејства и ова стана тренд. Јас не би можела да кажам дека целосно ќе го стопираме овој процес, но ќе се потрудиме да ја намалиме појавата. Видов информација дека во некои општини на полугодие се бележи одлив на ученици. Не мора да значи дека тие заминале од државата. Дел можеби мигрирале во други општини. Точен податок ќе имаме во септември. Локалните самоуправи нам ни доставуваат детални информации на почетокот на секоја следна година и по компарирање со податоците од претходната, знаеме за колку помалку деца станува збор.

ПОГЛЕД: Како планирате да го решавате проблемот со вишокот наставници, постои ли опасност некои од нив да ја изгубат работата?

Одговор: Речиси 5000 наставници имаат помалку часови од потребните во месецот. Тие не се виновни за тоа и затоа ние ќе ги задржиме сите на работа. Ниту еден нема да биде отпуштен, без оглед на тоа какви промени ќе следат. А ќе следат квалитетни и добро обмислени промени. Веќе ја споменав едносменската настава и продолжениот престој на учениците во училиште кои ќе овозможат и наставниците со недоволен ангажман, да се вклучат во дополнителни наставни активности, во реализација на изборни предмети и други воннаставни активности од интерес на учениците. На дел од вишокот наставници ќе им понудиме и преземање од други институции во образованието. На пример, Бирото за развој на образованието и Центарот за стручно образование и обука имаат недостиг на кадар.

ПОГЛЕД: Најавивте реорганизацијата според која градинките од Министерство за труд и социјална политика ќе преминат под ингеренции на МОН, дали се направени некои конкретни чекори на тој план?

Одговор: Во текот на мандатот на Владата ќе се случи и тоа. Најприродно е градинките, односно предучилишното образование да биде под надлежност на МОН. Фактички целиот системски воспитно – образовен процес да биде под ингеренција на една институција заради полесна координација и усогласеност на различните образовни нивоа и сегменти, заради полесно планирање промени врз база на анализи и така натаму. Работиме ова институционално преструктуирање да се заокружи поскоро.

ПОГЛЕД: Г-ѓо Јаневска, многу ветувања на претходните министри за образование не беа реализирани и во високото образование и тоа во текот на целиот нивен мандат. Вие успеавте за многу краток период цврсто да ги спроведувате и најтешките задачи со оглед на тоа што беа одложувани и туркани под тепих. Овде алудирам на битката што ја почнавте против измамниците во високото образование, лажните дипломи и звања, фалц магистерски и докторски студии..

Одговор: Се претера со отворањето високообразовни установи во државата. Се доведовме во ситуација да имаме универзитети, факултети и научни институти речиси колку една Германија, а колкава е разликата во бројноста на населението кај нас и таму. Немаме квалитет. Фокус само на печатење дипломи, заради бизнис цели. Ова мораше да се промени и како Влада одлучивме да се бориме со нерегуларностите, неетичноста и неморалот кои низ годините се прифатиле како нешто нормално.

Сакам да ја информирам јавноста дека за нешто повеќе од 6 месеци, Државниот просветен инспекторат спроведе 1400 надзори во образовни установи, а меѓу нив и од областа на високото образование и науката. Во дел од установите, посети имаа посебни комисии кои ги формираше министерството. Плод на тие контроли се 6 затворени приватни научни институти, од кои дел поради неактивност, а дел поради констатирани законски прекршувања. На 15 други даден им е рок од три месеци за да отстранат констатирани забелешки и сигурна сум дека сите нема да можат да постапат, отстапките се големи така што очекувам да имаме и дополнителен број затворени установи. Нерегуларности се констатирани и на државни универзитети и секако, изречени се соодветни санкции.

ПОГЛЕД: Дали воопшто Вашите претходници спроведувале ваков инспекциски надзор?

Одговор: Нешто се работело, но многу се прогледувало низ прсти. Затоа и опстојувале оние кои всушност не требало ниту да се основаат. Имаме министри кои носеле одлуки за отворање на нови приватни високообразовни установи, иако знаеле дека не се исполнети законските услови за тоа. Партиска директива, бизнис интереси или нешто друго било во праање, нема да навлегувам. Но, цела јавност знае за што зборувам. Е, таа пракса нема да постои во мандатот на оваа Влада.

ПОГЛЕД: На кои факултети откривте најмногу злоупотреби?

Како што веќе посочив, на приватните научни установи има најголеми нерегуларности. Со чест на исклучоци. Но, има и државни високообразовни установи кои не се сјајни. Можам да ветам дека контролите ќе продолжат, без било каква селективност. Работа по закон, поголема конкурентност на национално ниво и напредување на глобалните ранг листи со универзитети, се нашите цели.

поврзани објави

Последни објави