12.8 C
Skopje
понеделник, ноември 10, 2025

Каја Шукова: „Сакам Скопје кое ќе биде чисто, зелено и обединето — не поле за поделби, туку град за сите“

ИНТЕРВЈУ СО КАЈА ШУКОВА, КАНДИДАТКА ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЧКА НА ГРАД СКОПЈЕ

Госпоѓо Шукова, кои се трите најважни проекти што ги предвидувате во вашата програма и кои, според вас, ќе имаат најголемо влијание врз секојдневниот живот на скопјани?

● Првиот голем проект е воведување на брз и еколошки јавен превоз – БРТ системот, со нови автобуси и посебни коридори, кој директно го решава сообраќајниот метеж и загадувањето. Вториот е модерниот центар за селекција и рециклирање на отпад, со што отпадот го претвораме во ресурс и го решаваме проблемот со Вардариште и Дрисла. Третиот проект е нов урбанистички концепт хуман урбанизам, што подразбира повеќе зелени површини, јавни простори и транспарентно планирање. Овие три столба, транспорт, чистота и урбанизам, го менуваат секојдневието на скопјани од корен.

Дали сметате дека како кандидат на СДСМ носите товар од претходните градски администрации и како планирате да го надминете тоа чувство кај граѓаните?

● Секој што презема јавна одговорност мора да е свесен за минатото, но и да биде фокусиран на иднината. Не се криеме зад изговори напротив, учиме од пропустите и градиме нов пристап заснован на професионалност и отчетност. Мојата кандидатура е понуда за поинаков модел на управување: транспарентен, ефикасен и отворен кон граѓаните. Граѓаните многу добро препознаваат кога некој доаѓа со искрена намера и чисти цели, а токму тоа е нашата најголема сила.

Како ги гледате вашите противкандидати во овие избори дали во нив гледате реална конкуренција или различни визии за градот?

● Сметам дека секој што се пријавил на овие избори има право на своја визија и дека конкуренцијата е здрава за демократијата. Не гледам на изборите како на борба меѓу поединци, туку како натпревар на идеи за тоа како Скопје да биде подобро место за живеење. Нашата визија се темели на одржливост, чиста животна средина и ефикасен систем кој служи на граѓаните, не на политиката. Кога нудите конкретни решенија, конкуренцијата ве мотивира не ве плаши.

Кои се, според вас, најголемите еколошки и инфраструктурни предизвици со кои се соочува Скопје, и што конкретно ќе направите за да се подобри квалитетот на животната средина?

● Најголемите предизвици се загадениот воздух, неуредениот отпад и недостигот од зелени површини. Нашиот пристап е системски, наместо кампањски акции, воспоставуваме континуирано управување со отпадот, зелен појас околу градот и субвенции за чисто греење. Јавниот превоз и урбаното зеленило се клучни делови од истиот проблем и затоа го третираме интегрирано. Скопје мора да се движи кон одржлива мобилност и зелена инфраструктура, што не е само проект, туку промена на културата на живеење.

Какви се вашите очекувања од изборниот резултат верувате ли дека скопјани ќе ѝ дадат повторна доверба на вашата партија да го води главниот град?

● Веруваме дека граѓаните сакаат стабилност, а не конфликти и поделби. Се обраќаме со конкретни решенија, а не со празни пароли, и тоа луѓето го ценат. Очекуваме избори на кои поважна ќе биде програмата отколку политичката боја, и уверени сме дека мнозинството скопјани ќе ја поддржат визијата за Скопје кое функционира за сите. Нашата најголема победа ќе биде ако по изборите зборуваме за проекти, а не за поделби.

Со оглед на тоа што анкетите во моментов покажуваат предност на ВМРО-ДПМНЕ, дали сметате дека вие лично можете да бидете ветер во грб за СДСМ и да придонесете за подобар резултат на партијата на овие избори?

● Во политиката, анкетите се моментална слика, но довербата се гради на долг рок. Јас влегувам во оваа трка со идеја да понудам компетентност, достоинство и решенија што ги надминуваат поделбите. Верувам дека токму тој пристап може да донесе нова енергија и за партијата и за граѓаните. Градоначалникот на Скопје мора да биде симбол на обединување, а не на поделба тоа е вистинскиот ветер во грб за секоја политичка сила.

поврзани објави

Последни објави