15.8 C
Skopje
понеделник, октомври 27, 2025
spot_img

Игор Гошевски: „Сакам Делчево да биде пример за модерна, транспарентна и хумана општина

spot_img

1. Што Ве мотивираше да се кандидирате за советник и која е Вашата лична визија за развој на општината во наредниот мандат?

Мојата мотивација произлегува од вербата дека секој поединец може да направи промена. Сакам Делчево да биде пример за модерна, транспарентна и хумана општина – место каде што идеите на граѓаните се слушаат и реализираат. Тоа ме води да бидам дел од тим кој работи со визија, одговорност и љубов кон својот град. Ме мотивира можноста да бидам глас на граѓаните и да помогнам нивните проблеми и идеи да добијат вистинско место во општинските политики. Верувам дека со знаењето, енергијата и искуството што ги имам можам да помогнам во донесувањето на одлуки што ќе донесат конкретни подобрувања за граѓаните на Делчево.

2. Кои проекти или иницијативи сметате дека се најприоритетни за подобрување на секојдневниот живот на граѓаните?
Доколку бидам избран за советник, мојот приоритет ќе биде насочен кон реални и одржливи проекти што директно го подобруваат секојдневниот живот на граѓаните. Пред сè, сметам дека треба да се вложи во модернизација на инфраструктурата – уредени улици, јавно осветлување, зелени површини и чиста животна средина, бидејќи тоа е основата за достоинствено живеење. Втор приоритет ми е поддршката на младите и развојот на локалната економија преку стимулирање на мали бизниси, ИТ иницијативи и програми што ќе создадат нови работни места. Верувам дека Делчево има потенцијал да биде модерен, дигитално поврзан и атрактивен град за живеење, ако се вложува паметно и транспарентно. Исто така, ќе се залагам за подобра комуникација меѓу општината и граѓаните – за секој глас да биде слушнат и секоја идеја да добие шанса. Мојата цел е Делчево да се развива рамномерно, со еднаков пристап за сите населени места и граѓани.

3. Во кои области Општината, според Вас, најмногу заостанува и како би се залагале тие проблеми да се надминат преку Советот?

Иако е направен огромен напредок во повеќе сегменти, и понатаму има предизвици во рамномерниот развој. Сметам дека е потребна поголема поддршка за руралните средини, подобра комунална инфраструктура и подобрување на услугите за постарите и социјално ранливите категории.

Како советник, ќе се залагам за:
• реална анализа на потребите по месни заедници,
• приоритетно финансирање на проекти кои директно го подобруваат секојдневието на граѓаните,
• јавни расправи со граѓаните пред носење на крупни одлуки.

4. Како кандидат кој доаѓа од СДСМ, што би издвоиле како најголем успех на вашата партија на локално ниво, а што како простор за подобрување?

На локално ниво, под раководство на СДСМ, се реализираа многу значајни проекти: пречистителна станица, пешачки мост, детска градинка, градски пазар, направени и реконструирани повеќе улици.

Има простор за подобрување во дигитализацијата на општинските услуги, која е клучна за поефикасна, брза и транспарентна работа со граѓаните. Со воведување на електронски системи за поднесување барања, уплати и добивање информации, граѓаните ќе можат многу полесно и побрзо да ги завршат своите обврски кон општината, без непотребни чекори и одложувања. Дополнително, дигиталните услуги треба да бидат достапни и преку мобилни платформи и веб-страница на општината. На овој начин, Делчево ќе стане поотворена, ефикасна и модерна општина што го вреднува времето и потребите на своите граѓани.

5. Младите сè почесто ја напуштаат општината во потрага по подобра иднина. Што лично Вие, како советник, би направиле за младите – за да им се создадат услови да останат, да работат и да живеат тука?

Верувам дека Советот може и треба да има активна улога во поддршката на младите кадри, преку создавање подобри услови за образование, практична настава и вработување во самата општина. Потребно е поголемо поврзување меѓу училиштата, локалните компании и институциите, за младите да можат да стекнат реални вештини и искуства што ќе им овозможат да останат и да се развиваат тука, во Делчево. Исто така, важно е да се поттикнува младинскиот активизам и учество во одлуките – да им се даде простор младите да ги изразат своите идеи и да бидат дел од решенијата. Верувам дека со вистинска поддршка, младите можат да бидат двигателот на позитивни промени во нашата општина.

поврзани објави

         

Последни објави