СДСМ со остра реакција кон Инфомакс и Митовски: „Зар и ти сине Мечка?“
Опозициската СДСМ преку соопштение со наслов „Зар и ти сине Мечка?“ реагираше на, како што наведуваат, промената во уредувачката политика на порталот Инфомакс и водителот познат како Мечка, обвинувајќи за насочени напади кон партијата и нејзиниот претседател Венко Филипче.
Од СДСМ посочуваат дека медиумот, кој со години се претставувал како независен и критички настроен кон сите власти, во последниот период започнал, како што велат, „жестоко да напаѓа“ сè што е поврзано со нив. Во соопштението се потсетува и на претходен инцидент во студиото на емисијата „Тешки муабети“, кога, според нив, водителите барале заштита од насилство.
Партијата оценува дека ваквата промена доаѓа во период кога тие ја критикуваат политиката на актуелната власт, предводена од премиерот Христијан Мицкоски, и обвинува дека станува збор за отстапување од принципите и независноста.
Во реакцијата, СДСМ упатува и директни критики кон новинарот Александар Митовски, наведувајќи дека медиумот води кампања против нив и против раководството на партијата. Оттаму додаваат дека „чесноста и принципиелноста не се на продажба“ и дека довербата на јавноста се гради долго, а се губи брзо.
СДСМ во соопштението потенцира дека останува посветена на, како што наведуваат, европската иднина на државата, борбата против корупцијата и спротивставувањето на политиките на актуелната власт, додавајќи дека нема да замолчат пред притисоци и напади.

