Од „Живот за сите“ до политички колапс – СДСМ повеќе не знае ниту каде оди, ниту каде ја води државата
Од ветувањата за „Живот за сите“ и „Правда за Македонија“, дојдовме до период што многумина го паметат по институционален хаос, нарушена доверба во системот, поданички однос кон ДУИ и нејзиното тогашно раководство, како и политика во која секоја отстапка се оправдуваше со повикување на европската перспектива и членството во НАТО.
Македонските граѓани повеќе од три децении го поддржуваат европскиот пат на државата. Тоа е неспорен факт. Во тие години народот прифаќаше тешки компромиси, понижувања и бројни политички отстапки, верувајќи дека на крајот ќе добие сигурна европска иднина. Наместо конкретен исчекор, останаа симболични моменти што многумина ги паметат повеќе како политички маркетинг отколку како вистински државнички успеси – фотографијата од авионот со пораката „Имаме датум“, приказните за возење мотори, за скромност, за паштети од фрижидерот во Владината резиденција, додека реалноста за граѓаните стануваше сè потешка.
Денес СДСМ се обидува да создаде впечаток дека започнува од почеток. Во центарот на таа стратегија е Венко Филипче, претставен како ново лице кое треба да ја врати довербата. Но, јавноста добро памети дека тој не доаѓа однадвор, туку беше дел од власта и од политиките што ја доведоа партијата до најслабите резултати во нејзината историја. Не може преку ноќ да се избрише политичката одговорност и да се создаде впечаток дека станува збор за човек без политичко минато.
Никој не го оспорува неговиот професионален авторитет како лекар. Но, успешната професионална кариера не е автоматска препорака за успешно политичко лидерство. Политиката бара визија, авторитет, способност да се обединуваат луѓето и јасна насока. Токму тоа денес му недостига на СДСМ.
Партијата е во состојба на длабока внатрешна криза. Наместо консолидација, сè почесто сведочиме на поделби, незадоволство и отворени спротивставувања. Луѓе кои со години биле препознатливи лица на партијата јавно реагираат против одлуките на актуелното раководство, додека просторот сè повеќе го исполнуваат политички анонимуси без кредибилитет, искуство и визија, кои секојдневно настапуваат со конфронтации и изјави што дополнително ја продлабочуваат кризата.
Најголемиот проблем, сепак, е што СДСМ повеќе не остава впечаток на партија која знае каде оди. Нема јасна стратегија, нема препознатлива политичка насока, нема визија што може да ги мобилизира и сопственото членство и пошироката јавност. Наместо политичка офанзива, се гледа импровизација. Наместо самодоверба, се чувствува несигурност. Наместо обединување, се продлабочуваат поделбите.
Доколку продолжи со истото темпо, без суштински промени и без сериозна политичка реформа, СДСМ ризикува на следните парламентарни избори да го доживее најтешкиот пораз досега. Проекциите дека би можела да загуби уште четири до пет пратенички мандати не изгледаат нереални, а таков исход би претставувал уште еден силен удар врз партијата и би го отворил прашањето за нејзината иднина.
Политичка партија што нема јасна насока, што не извлекла поуки од сопствените грешки и што не знае каде тера, тешко може да очекува дека граѓаните повторно ќе ѝ ја доверат иднината на државата.




