Сите учесници во инцидентот во скопската населба Чаир, во кој со нож беше тешко повредено 13-годишно дете, се обезбедени од страна на полицијата, информираше денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Според него, приведени се вкупно пет лица.
Повреденото дете се наоѓа во многу тешка здравствена состојба и се бори за живот. Според првичните информации со кои располага Министерството за внатрешни работи, и малолетникот кој се сомничи дека ги нанел повредите е на иста возраст со повреденото дете – двајцата се родени во 2012 година.

„Едно лице моментално е во многу тешка здравствена состојба, се бори за живот. Станува збор за малолетник, а согласно првичните информации добиени од службите во Министерството, и оној којшто го врши кривичното дело исто така е малолетник. Детето со тешки телесни повреди и детето коешто ги нанесува се иста генерација, родени 2012 година“, изјави Тошковски.
Министерот оцени дека случајот испраќа сериозно предупредување за проблемот со насилството меѓу малолетниците, посочувајќи дека ваквите кривични дела претставуваат предизвик и за многу поголеми и поразвиени држави.
Тошковски нагласи дека кога станува збор за насилни кривични дела извршени од малолетници, општествениот и институционалниот одговор мора да биде поширок и поинаков од оној во случаите кога сторителите се полнолетни лица.
Според него, потребно е заедничко и координирано делување на повеќе институции и општествени чинители, меѓу кои родителите, центрите за социјална работа, МВР, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за образование и наука, здравствените институции и Министерството за здравство.
„Навистина ова е еден од најужасните предизвици коишто ги имаме пред нас“, порача Тошковски.




