11.8 C
Skopje
Wednesday, December 11, 2024

Велики Четврток – од денес започнуваат велигденските празнувања

Денешниот празник е еден од базичните настани за Црквата. Сега се наоѓаме во средината на Страдалната седмица, седмица која е полна со важни настани за спасението на човекот.

Во четвртокот од таа последна недела на Христовиот живот на земјата беше востановена животоносната тајна на Црквата тајната на Евхаристијата. Таа тајна е востановена во горната соба од една ерусалимска куќа, кога Христос зеде леб, го прекрши и им подаде на учениците, т.е. на апостолите, а зеде и чаша со вино и исто така им ја подаде да пијат, со што ја најави својата смрт и таинствениот трепет што треба да го имаат учениците, зашто по неговата смрт беше јасно дека нешто ќе се случи. Таа тајна е изворот на целокупното богослужење на Црквата, а нејзиниот централен дел е причестувањето со телото и крвта Христова.

Велики Четврток е денот на Тајната вечера. На овој ден се повикуваат верниците на Причест, затоа што на Велики Четврток е востановена Светата причест, на Тајната вечера. Тоа е Празникот на Причеста. Тогаш, од рацете на Господа Исуса Христа, директно ја примиле Причеста светите апостоли и во тој спомен е овој ден на Причеста. И во пофалната песна за Богородица, која се пее на Литургијата се повикуваат верниците на Христовата вечера на бесмртната трпеза. А, место Херувимската песна, денес се пее за Тајната вечера, се изобличува Јуда, а се воспева благоразумниот разбојник.

Евангелските текстови ги опишуваат сите тие настани, а светите отци и учителите на Црквата ги разјаснуваат и толкуваат, низ своите поуки и текстови. Четивата од овие случувања се поразителни, трогателни и многу чувствени, а мислите се насочуваат кон Бога и Неговата преголема жртва за нас. Тоа е изразено и во богослужбените песни и во молитвите.

Црковното предание и нашата стара традиција уредиле на Велики Четврток, рано наутро, пред изгрејсонце, да се вапцуваат првите Велигденски јајца.

поврзани објави

Последни објави