Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски денеска од собраниската говорница се пожали дека во времето додека тие се на власт, на некоја манифестација во Гостивар, сите говори и натписи биле на албански јазик.
„Минатиот четврток во Гостивар благодарение на една швајцарска донација имаше пуштање во употреба на мост. Во Гостивар живеат над 35 проценти македонци. Целата прослава, со сите обележја на прославата, сите говори на прославата беа исклучиво на албански јазик, без превод на македонски јазик. Немаше натпис на македонски јазик. Коректноста треба да биде обострана. Ние имаме охридски рамковен мировен договор. Оваа декларација е обид за репреговарање на охридскиот рамковен договор. А тоа подразбира раскинување на мировен договор. Затоа влегуваме како собрание и како држава во опасни периоди кои се недозволиви и неприфатливи“, рече Илија Димовски.
Пратеничката на ДУИ, Емини Мирсаде, истакна дека Димовски лаже.
– Димовски говори за манифестација, на која истовремено се зборуваше албански, македонски и турски јазик. Не е коректно да се лаже, рече Мирсаде.