За конечен излез од кризата и решение на оваа многу комплицирана состојба во која се наоѓа Македонија бараме одржување на нови парламентарни избори, изјави Богдан Илиевски од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“.
– Баравме отфрлање на тиранската платформа. Учесниците во таа тиранска коалиција одбија да ја отфрлат, меѓутоа покажавме дека ние на улиците сме посилни. Затоа бараме одржување на нови парламентарни избори, рече Илиевски на денешната прес-конференција по средбата со Здружението на пензионери на Општина Бутел.
Како што најавивме, посочи Илиевски, на 60-тиот ден од почетокот на протестите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ започнуваме средби со разни организации, здруженија и целни групи со цел да дискутираме за моменталната ситуација во која се наоѓа Македонија, за нашето движење и што во иднина треба да се случува.
Според Ванчо Петрушевски, иницијативата „За заедничка Македонија“ не се однесува само на најбунтовната возраст и на младите, туку и на пензионерите и постарите.
– Народот наш сака да живее во една татковина, сака да живее мирно, да има спокојна старост и да има млади луѓе што ќе ја носат оваа држава напред. Бараме што поголема масовност и повеќе присутни на овие протести за нашето барање да добие поголемо значење, изјави Петрушевски.