6.8 C
Skopje
Friday, November 29, 2024

Вејце… 16 години потоа

Пишува: Атанас Величков

Пред некои 12 години отприлика еден драг пријател ми даде една книга со наслов „Татковино, за што загинавме?“ (Македонска книга; 2002 г.). Внатре во книгата се опишани животните судбини на сите загинати македонски војници и бранители од војните за време на распадот на Југославија (1991-1995) и воениот конфликт во Македонија од 2001 г. Одговорот на прашањето, поставено како наслов на ова книга, нема да му се допадне на ниту еден нормален човек. Верувајте!

Вчера поранешниот воен дезертер, командантот на ОНА со псевдонимот Форина, кој беше именуван и за министер за одбрана на Македонија (2013-2014г.), господинот Талат Џафери беше изгласан за претседател на македонскиот Парламент. Морам да признам дека господинот Џафери, може да се пофали со кариера од соништата. Проверен кадар е, а како што прочитав некаде цитирам по памет: „тој е неопходниот компромис да се стави крај на политичката криза“.

Денеска се навршуваат 16 години од масакрот крај тетовското село Вејце, каде во заседа на ОНА животот го загубија 8 припадници на македонските безбедносни сили. Во тоа време командант на касарната во Тетово, бил токму господинот Џафери. Зошто македонските бранители се испратени во таа опасна патрола, е прашање, што уште го чека својот одговор?! Според генерал Стојанче Ангелов, ветеран од војната во 2001 г., токму командант Форина (од вчера веќе и собраниски спикер) го знае одговорот на тоа горливо прашање. Неколку дена по грозоморниот масакр извршен врз „волците“ Роберт Петковски (27), Бобан Трајковски (28), Миле Јаневски (30), Игор Костески (25) и полицајците Марјан Божиновски (27), Кире Костадиновски (24), Бошко Најдовски (25), Илче Стојановски (24), сегашниот „втор човек во државата“ дезертира од АРМ.

Веќе 16 години после овој најголем масакр во новата македонска историја никој од „големите ѕверки“, не дава одговор на прашањето, зошто загинаа тие млади луѓе?! Можеби бидејќи одговорот е ужасен во својата едноставност? Никој не знае.

После синоќешниот настан во македонското собрание, се прашувам, за кого загинаа или пак останаа инвалиди луѓето од двете завојувани страни во 2001 г.? Зарем државата е одбранета и веќе гордо чекори по својот европски пат или пак Албанците го добија тоа, за што гинеа, изразено во изведбата на албанската химна од страна на пратеникот од Беса, Зекирија Ибраими?! Се сомневам во тоа!  За таква разградена држава ли се бореа „нашите“ и „нивните“? Не верувам! Не сакам да верувам!

Денеска 16 години подоцна е време да се признаат некои работи. Војната во 2001 е само резултат од погрешната насока што ја прифатија политичарите после референдумот од 91-ва. Некои лоши практики од времето кога „Господ и Тито шетаа по земјата“ не беа заборавени, туку напротив, намерно беа спроведувани. Изгледа Македонија имала дефицит од политичари визионери во тоа време. Политичари, кои прашањата би ги решавале на маса со филџан кафе или чај, на мирен и цивилизиран начин, а не со минофрлачи и калашникови. Денес овој дефицит се гледа уште појасно и токму поради таа причина масакрот кај Вејце, го одбележавме со именувањето на командант Форина за претседател на македонското собрание.

PS: Драги facebook „патриоти“, продолжете да барате одговор на прашањето колкав Бугарин, бугарофил и предавник е Љубчо Георгиевски. Таа тема е од оние „лесните“ и не мириса на изгорено човечко месо.

поврзани објави

Последни објави