11.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Чавков: Во Собранието се случија инциденти кои го предизвикаа гневот на граѓаните

Директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков кој е посочен како главен виновник за хулиганските напади во Собранието, денеска на прес конференција кажа дека полицијата немала дојава за побрза интервенција при нападот на Собранието. Цела јавност додека се прашуваше каде е полицијата цела вечер, Чавков не знаел дека треба да интервенира за нападот кој директно се пренесуваше на ТВ екраните.

-Во текот на вчерашниот ден, за жал бевме сведоци на немили настани и инциденти во Собранието кога беше нарушен јавниот ред и мир и безбедноста на присутните во Собранието од страна на дел од лицата кои влегоа во законодавниот дом.

За жал, во Собранието по завршување на седницата на парламентот, вчера се случија неколку инциденти кои го предизвикаа и испровоцираа гневот и револтот на граѓаните. Кога велам дека немало никаква пријава до полицијата, сакам да кажам дека никој ниту од Собранието не се јави дека ќе има обид после завршување на седницата да биде прогласен нов спикер. Какви биле проценките на тие што го планирале ова сценарио не можам да коментирам, но очигледно е дека начинот на кој беше спроведено ги зголеми безбедносните ризици и предизвика моментална реакција на присутните пред Собранието. Ќе треба време и дополнителна анализа зошто тие што стојат зад сценариото одбраа да го реализираат после 18 часот, знаејќи дека во тоа време секојдневно се одржуваат протести пред зградата на Собранието.

Настаните потоа се одвиваа брзо како на филмска лента. Граѓаните за неколку минути го обиколија Собранието и се обидоа да влезат внатре. Имаше обид полицијата да го спречи влезот на иритираната и разгневена маса, но употребата на сила во тие услови можеше да значи десетици жртви. Полицијата отпочна со примена на сила, веднаш откако добивме информации дека е неопходна интервенција затоа што во Собранието е загрозена безбедноста на луѓето внатре и во моментот кога дополнително ги зајакнавме силите со кои проценивме дека може да спроведеме брза и енергична акција за евакуација на присутните пратеници и повредени лица, рече Чавков.

Тој денеска и од лидерот на СДСМ, Зоран Заев и од министерот за внатрешни работи беше посочен како најодговорен што полицијата долго време не интервенираше и ги остави пратениците и новинарите на милост и немилост на хулиганите кои очигледно беа организирани и точно знаеа каде треба да се движат низ Собранието.Чавков синоќа долго време го барал и министерот за внатрешни работи но не можел да го добие цела вечер за да реагира.

Што се однесува до директните закани кои кон мене ги упати лидерот на опозицијата Зоран Заев, сакам да му порачам дека јас целата моја кариера ја поминав служејќи и на државата и сум се соочил со многу сложени безбедносни предизвици, сум работел професионално во полза на Македонија и граѓаните на Република Македонија. Затоа му порачувам дека ниту ме загрижува нити пак може да ме заплашат неговите закани и актуелните закани од криминални структури со кои тој е во спрега. Неговите закани и неговото недолично однесување повеќе говорат за него самиот и за начинот на кој што тој делува“ изјави Чавков и ја напушти прес салата без да дозволи новинарски прашања.

поврзани објави

Последни објави