Во Македонија денеска се одбележуваат 114 години од смртта на Апостолот на македонското револуционерно дело Гоце Делчев, кој на денешен ден во 1903 бил убиен од турска војска во селото Баница, на пат кон Сер. Делегација на Владата на Република Македонија по повод смртта на Делчев положи цвеќе на неговиот гроб во црквата „Свети Спас“ во Скопје, а потоа и пред споменикот на Делчев на плоштадот „Македонија“. Во Македонската академија на науките и уметностите денеска напладне ќе биде доделена државната награда „Гоце Делчев“ за 2017 година за особено значајни остварувања од интерес за Република Македонија во областа на науката. Визионерот кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола Делчеви. Се школувал во Бугарската машка гимназија во Солун и на Воената академија во Софија. Бил егзархиски учител во Штип и Кочани, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. По убиството, неговите посмртни останки првин се чувале во Баница, до 1917 година, кога биле пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчежето со коските се чувало во домот на Михаил Чаков. Останките на Делчев на 11 октомври 1946 година биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје.