2.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Концерт по повод Денот на победата над фашизмот

Амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија и Почесниот руски конзулат во Битола вечер на Широк Сокак организираат концерт посветен на 9 Мај – Денот на победата над фашизмот.

На концертот под наслов „Еден ден на војната“ ќе настапат членови од здруженијата „Озарение“, „Чајка“ и „Славјанка“, како и учесници од „Романсијада“.

– Публиката ќе има можност да ужива во вокалните изведби на Александра и Стефанија Арсовски, рецитација на Гордица Величковска, Ана Кондратенко на виолина и Викторија Митевска на клавир ќе настапат со музика од филмот „Шиндлерова листа“. На сцената на Широк Сокак во Битола ќе настапи и Викторија Лоба, а посетителите ќе сведочат и на театарскиот перформанс на Катина Иванова, Дарја Ризова и Благој Веселинов во режија на Нина Николиќ. Дел од овој настан е и здружението „Русичи“ кои се задолжени за изработка на симболот за Денот на победата, „Георгиевска“ лента, најави Нина Николовска, од секторот за односи со јавност на почесниот руски конзулат во Битола.

Традиционалниот концерт посветен на 9 Мај Денот на победата над фашизмот во претходните две години се прославуваше пред хотел Руссиа, а за прв пат оваа година ќе се одржи во Битола и под мотото „Јас памтам, јас се гордеам“.

Амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија и здруженијата на руски сонародници во Македонија синоќа на плоштад „Македонија” во Скопје ја одржаа манифестација „Бесмртен полк“, со која започнаа активностите за одбележувањето на Денот на победата над фашизмот – 9 Мај. На плоштадот се постави „Ѕид на сеќавање“ на кој ќе бидат претставени портрети на учесници во антифашистичкото движење.

Во рамки на одбележувањето на Денот на победата над фашизмот на 9 мај Амбасадата на Русија организира полагање венци пред Споменикот на загинатите партизани кај хидроцентралата „Матка“ во Скопје. Истиот ден во 19 часот во Кинотеката на Македонија со проекцијата на „28 Панфиловци“ (2016), филм од најновата руска продукција во режија на Ким Дружинин и Андреј Шалопа ќе биде отворена „Неделата на рускиот филм“ посветена на одбележувањето на Денот на победата над фашизмот.

Проекциите ќе се одвиваат до 13 мај во кој период публиката ќе може да проследи уште четири наслови од кинотечкиот фонд на Русија посветени на темата на Татковинската војна.

поврзани објави

Последни објави